Над 60 тони храна уништиле надлежните само во првите три месеци од годината: Уништените производи биле небезбедни за потрошувачите – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/21 11:13 AM

Над 60 тони храна уништиле надлежните само во првите три месеци од годината: Уништените производи биле небезбедни за потрошувачите

Вкупно 67 тони храна уништиле инспекторите и операторите од Агенцијата за храна и ветеринарство во првиот квартал од годинава. Во овој период се направени 12 илјади контроли, а во текот на целата ланска година надлежните спровеле 54. 382 контроли.

Во 2020-та година се уништени 238 тони храна, која според нив, била небезбедна за потрошувачите.

„Во уништените 238 тони е уништено се’ она што не ги задоволува органолептичките карактеристики или рокот. Путер, кашкавал, сусам… Имавме уништување на месните преработки кои не ги задоволуваа критериумите. Тука постапува инспекторот, а уништувањето се врши под негова контрола“, информираше денеска директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Тој вели дека казните за компаниите зависат од типот на прекршувањето и се движат од 250 до 9000 евра.

„Казните зависат од тоа дали плаќањето се врши веднаш и во тој случај. глобата е 50 проценти од изречената мерка. Во овој период на пандемијата гледаме да не бидеме дестимулатори на економскиот развој, внимаваме на секоја изречена казна. Одиме на едукативен пристап. Така е најдобро и за бизнис заедницата и за Агенцијата и за граѓаните. Ако настане труење освен прекршчоните глоби, има и кривични постапки и тука врз база  на нашите наоди постапуваат другите институции. Мора да се почитуваат законите и да имаме безбедна храна“, порачува првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Изречени 8 глоби за небезбедна храна во првите 5 месеци од годината

Тој вели дека кога е во прашање безбедноста на храната, граѓаните најчесто поднесуваат претставки за производи со поминат рок, за сомнеж во квалитетот на производите, несоодветно означување и присуство на контаминенти во храната.

„Од година во година расте интересот и свесноста на граѓаните за безбедност на храната. Преку Одделението за заштита на потрошувачите во АХВ само во првите 5 месеци годинава  од  вкупно поднесените 173  претставки, 74 се однесуваат на безбедност на храната. Постапувајќи по нив од страна на инспекциските служби донесени се 13 решенија за  отстранување на недоследности кои биле утврдени, изречени се 8 глоби, 2 мерки на едукација, а поднесена е и една кривична пријава“, појасни Бабовски.

Според него, како и во некои други институции, така и во АХВ нема доволно инспекциски служби.  Одговарајќи на новинарско прашање уште колку кадар им е потребен, тој изјави дека имаат потреба од најмалку 20 инспектори за работа на терен.

„Имаме, не можеме да се пожалиме  дека немаме луѓе, но нивниот број не е во онаа мерка која треба да ја имаме  за да биде уште поквалитетна нашата работа.  Имаме потреба од луѓе и на граѓаничните премини. Нашите вработени работат со зголемен труд, со зголемен обем на работа и не дозволуваме да не го завршиме она што треба да го извршиме“, додаде Бабовски.

Освен во АХВ, граѓаните реагираат и до Организацијата за заштита на потрошувачите

За слични вакви работи во врска со квалитетот на храната, граѓаните праќаат поплаки и во Органзацијата за заштита на потрошувачите. Претседателката на ова тело, Маријана Лончар-Велкова вели дека за овие прашања најдобро е да се реагира официјално, а не преку социјалните мрежи.

„Треба да бидеме одговорни, да прочитаме пред да купиме нешто. Во овој дел имавме поплаки за чувањето на производите кои не се чуваа соодветно, поплаки за декларирањето на производите коишто не беа соодветно декларирани и за рокот на употреба. Во АХВ има бесплатен број каде потрошувачите може да се јават. Таквите работи не треба да се кажуваат на Фејсбук, туку во АХВ која има начин да постапи и да процени дали е тоа намерно направено за да се уништи конкурентот. Треба да внимаваме дали со таквите наши пласмани може да направиме поголема штета“, порача денеска Лончар-Велкова.

Таа укажа и на одредени слабости во законската рамка, која според неа, треба да претрпи измени за поголема заштита на потрошувачите.

„Стандардите  треба да бидат што построги,  секогаш кога има репресивни мерки тие да бидат построги. Потрошувачите да стекнат доверба во храната која ја јадат. Поголема едукација на потрошувачите со цел да научат како да ги избегнат ризиците поврзани со храна, добро  спроведување на правилата за добра производствена пракса и во континуитет да се вршат инспекциските надзори. Треба да има и корективни мерки, но ако еден бизнис оператор ќе мора да се казни ако во континуитет го загрозува здравјето на потрошувачите. Ги следиме поплаките и ги доставуваме до АХВ. Сепак законската рамка не обезбедува доволна заштита на потрошувачите поради непостоење на специфични правила за материјалите за пакување на храната, потребно е да се делува“, додаде Лончар-Велкова.

Овие информации беа споделени на одбележувањето на 7-ми јуни. Светскиот ден на безбедна храна, што првпат беше востановен во  2019 година од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО. Агенцијата за храна и ветеринарство се приклучи на глобалната кампања за одбележување на овој ден со цел на јавната свест за безбедноста на храната и информирање на јавноста за важноста од превенирање и управување со ризиците поврзани со неа, унапредување на здравјето на граѓаните, економскиот просперитет, развојот на земјоделството и пазарите.

Податоците на СЗО покажуваат дека повеќе од  600 милиони луѓе се разболуваат, а 420 илјади  умираат од јадење небезбедна храна која е контаминирана со токсини, паразити или хемиски средства. Искуството покажува дека пандемијата и засилените контроли во изминатите година и половина глобално ги идентификувале слабостите во системите за производство и контрола на храна.

 

В. Ми