Членовите на данскиот парламент го одобрија нацртот за изградба на големиот вештачки остров Линетехолм, на кој ќе живеат 35.000 луѓе и кој ќе го заштити пристаништето Копенхаген од покачување на нивото на морето, пишува Би-Би-Си.
Копното и островот ќе бидат поврзани со бајпас, тунели и подземна железница, а одобрувањето на данскиот парламент значи дека островот, со вкупна површина од 2,6 квадратни километри, би можел да започне да се гради кон крајот на оваа година, пренесува Јутарњи лист.
Активистите за заштита на животната средина се противат на изградбата на Линетехолм затоа што стравуваат дека проектот може да има негативно влијание врз природата.
Според нацртите, Линетехолм би бил опкружен со брана што ќе го заштити пристаништето Копенхаген од зголемувањето на нивото на морето и невреме. Доколку се следи предложениот план за имплементација на проектот, темелите на островот треба да бидат поставени до 2035 година, а тој ќе биде готов до 2070 година.
80 милиони тони земја за островот
Локалните медиуми пишуваат дека околу 80 милиони тони земја треба да бидат испорачани на планираната локација на Линетехолм, со цел таму да се создаде остров . Активистите исто така се загрижени дека изградбата на островот ќе доведе до движење на талог и дека градбата може да влијае на околните екосистеми, како и на квалитетот на водата.
Според данската радио-телевизија, демонстрантите се собрале пред зградата на Парламентот во Копенхаген во петокот за време на одобрување на нацртот за Линетехолм. Нацртот беше изгласан со 85 гласа „за“ и 12 „против“.
Telegraf.rs