Советот на општина Охрид не прифати „пазарење“ за барањата од дивите угостители – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/21 7:37 PM

Советот на општина Охрид не прифати „пазарење“ за барањата од дивите угостители

На денешниот координативен состанок на двете советнички групи во Советот на општината и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески по барањето за свикување и одржување на итна седница на Советот е заклучено дека Советот на Општина Охрид нема ингеренции да расправа по ниту една од предложените барања доставени од Здружението на угостители и туристички работници „Охридски Еснаф“, а се однесуваат на актуелните збиднувања и активности од страна на локалната самоуправа по однос статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас на Охридското Езеро.

На состанокот детално било разгледано барањето на здружението и сите предложени точки за расправа, по што од страна на двете советнички групи е донесен заеднички заклучок дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување итна седница врз основа на вакво барање, ниту пак Советот може да донесе одлука во врска со предложените точки.

Двете советнички групи изразиле поддршка на градоначалникот Константин Георгиески и Општина Охрид да постапуваат во рамки на своите ингеренции во согласност со сите законски прописи почитувајќи го принципот на неселективност. На оценка се дека е од исклучителна важност Охридскиот регион да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и оттаму е повторено барањето надлежните институции да постапуваат во согласност со своите надлежности во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.

Охридскиот еснаф на угостители побара свикување итна седница на Советот на општина Охрид, со предлог да се расправа за времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност, преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на УНЕСКО и постоечката регулатива, одлагање на уривањето пред сезоната, како и ажурирање на постапките по однос на јавното наддавање и издавање под закуп од 2018 година што не се формално завршени.

Барањето за свикување итна седница следуваше откако механизација почна да се разместува во непосредна близина на угостителските објекти после мостот на Студенчишкиот канал, каде се наоѓаат неколку кафулиња на кои им се истечени договорите за стопанисување, како и концесиите на плажите.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгеиски неодамна истакна дека се работи за случаи на узурпација на државно земјиште, стопанисување без дозвола со земјиште на сите граѓани за стекнување противправна имотна корист што како што истакна, е кривично дело.

Тој појасни дека мора да се ослободи крајбрежјето од илегални објекти, се што е во вода мора да се отстрани. Правниот статус е идентичен на сите објекти на крајбрежјето, сите со истечени договори за концесија.

– Најважно е сега тие да ги затворат објектите, да престанат со вршење дејност. Ние ќе постапиме по решенијата за постапување. Две години се убедувам да нема репресија, да нема примена на сила од наша страна, но за тоа треба доброволно престанок со вршење дејност, рече Георгиески, нагласувајќи дека пред сезона се предвидува да се отстранат платформите и ослободување на плажите.

Георгиески рече дека праксата да се стопанисува штета на општината, државата и светското природно и културно наследство мора да биде минато.

– Како што имам кажано и претходно, треба на сите да ни стане јасно дека ваков тип на урбанизација и користење на крајбрежјето во строго заштитените зони повеќе нема да има, дециден е градоначалникот Георгиески.

МИА