Од што и од кој се плаши Владата, која и оваа година покажа дека во прв ред на финансиската поткрепа и’ се петте национални телевизии –економски најмоќните медиуми во државата? И оваа година со Петтиот пакет мерки Владата им го плати на овие телевизии надоместокот мултиплекс фреквенција, пари кои завршуваат кај приватен оператор. Со тоа, останатите медиуми, пред се’ националните радија се ставија во подредена позиција, бидејќи радијата не беа ослободени од надоместокот кој државата компанија – ЈП Национална радиодифузија (ЈП НРД).
Да појасниме за јавноста – она што е надоместок за мултиплекс за ТВ станиците за националните радио станици е трошок за ЈП НРД.
Ако една национална телевизија за дистрибуција на сигнал кон операторот А1, плаќа по 78,000 евра годишно ниво, едно радио издовојува по 66,500 евра за дистрибуција на сигналот. Само што има огромна разлика во приходите меѓу радијата и телевизиите. За радијата тој трошок е дури 20% од приходите, додека на телевизиите, тоа е само 2%.
Трет месец по ред Владата го одлага овој „еднаков третман“ и на дело ќе ја демонстрира својата девиза „општество еднакво за сите“. Тоа општество за сите, засега, се чини, функционира само за петте национални телевизии, додека радијата, сред долготрајната економска Ковид криза, се принудени да кратат од секаде за да ги платат фактурите кои се трупаат – од државната НРД.
Последен пат на ова прашање одговараше Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири, кој рече дека „Владата бара начини со Шестиот пакет економски мерки“. Денеска премиерот лично топката ја упати назад, кон Генералниот секретар Зекири.
– За да биде правично треба да ги опфатиме и радио станиците. Одлуката е донесна, Мухамед Зекири е одговорен како Генерален секретар, којшто со правните служби го бара правното решение. Парите во Буџетот постојат за оваа работа. Верувам дека правните служби ќе изнајдат решение, затоа што некогаш вољата е јасна и докажана, но правните регулативи мора да се најдат за исполнување на едно очекување на овие медиуми и исполнување на позитивната одлука од страна на Владата, изјави Заев.
Решението, што го споменува премиерот, е во исчекување веќе подолго време. Уште пред повеќе од еден месец Асоцијацијата на електронски медиуми упати барање, образложувајќи ги потребите и проблемите на радијата со детален преглед на трошоците.
До денеска нема одговор.
Радијата беа принудени на уште еден трошок, од кој начелно беа ослободени од плаќање преку донесена Уредба од Владата како антикризна мерка, а тоа е плаќање на надоместок кон Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Оваа Агенција ја погази владината уредба и не само што си го наплати надоместокот, туку и се закани на радиодифузерите дека ќе ги снема од етер.