Секоја површина може да се претвори во импозантно уметничко дело. Таков случај е со малите камчиња кои можеме да ги најдеме насекаде околку нас. Такви дела прави 35-годишниот гостиварчанец Александар Радичевски кој успева од секој камен да даде душа и да се претвори во слика која воодушевува. За ММС раскажа како почнал да се занимава и од каде љубовта кон ова необично хоби.
-Оваа моја пасија и љубов кон се она што го творам и создавам се случи многу спонтано. Колекционер сум на преку 15.000 уникатни камчиња кои се уредно распоредени по теми, бои, облик, и спакувани во специјални фиоки. Се до еден момент кога од истите ми се роди идеја да направам замислена тема, која успешно ја реализирав. До сега секоја моја замислена идеја за создавање на одредено дело и на одредена тема, успешно ја остварувам и реализирам. Овој тип на креативност ме исполнува така што со секоја нова изработка се повеќе се надоградувам. Сметам дека дека сум достигнал максимумот во овој творечки правец и оваа уметност, рече 35-годишниот гостиварчанец.
Радичевски вели дека уметноста секогаш го интересирала, па покрај рачната изработка ужива и во фотографијата.
– Мојата работа и мојот интерес одсекогаш беа и се поврзани со уметноста, фотографијата и рачна изработка на слики, кои се поставени на природна подлога од орев, костен, цреша и со природни материјали и камчиња. Секој детал од сликите е природен, ништо не е ниту обликувано, ниту боено, ниту цртано, вели тој.
Секој камен си има своја приказна своја убавина која дава уникатност која го создала мајката природа и секое си крие своја тајна.
– Камчиња се насекаде околу нас и секое си има своја посебна убавина и приказна. Секое се разликува од другото по својата форма, облик, структура и со тоа секое камче посебно и уникатно само по себе. И она камче кое изгледа најобично и наједноставно во себе крие одреден детал или тајна кои го прават камчето посебно и фасцинантно. Освен изгледот и убавината камчињата и следниве детали ги прават посебни: внатрешна или надворешна симетрична шуплина, корална или вулканска наслага, мрежести и кружни процепи, изразени линии или бои и.т.н. Каменчињата најчесто ги собирам на патувања (езера, реки, плажи, мориња, планини), открива Александар.
Ова уметност може да се сретне као „Stone Art“, или „Pebble Art“, што би значено „Врамени слики со каменчиња“.
– Моето прво дело е „Цвет“. Тоа беше првото нешто кое ми падна напамет како идеја и истото го реализирав во 2016 година. Всушност од тогаш почнав да се занимавам и да творам во овој уметнички правец „Stone Art“.
Сигурно се прашувате што се може да се изработи од овие приордни камчиња кои се насекаде околу нас, ќе се изненадите од одговоорот.
– Постои голем избор на темите и идеите за изработка на овој тип уметнички дела, како што се, пејсажи, цветови, логоа, имиња, симболи, луѓе црковни симболи и друго. Но сепак постои и одредено ограничување во изборот на темите поради природата, формата на материјалот, односно(камчињата), кои се користат како основна суровина за самата слика. Убавината на овие уметнички дела е во начинот на поставување и избор поставувањето на каменот, кој како што и претходно нагласив не се обработува, туку се вметнува со неговиот природен изглед и форма, открива но и додава дека мора добро да ги подготви овие природни материјали за да може сјајот и убавината да дојдат до израз.
Камчињата кои ги користам за сликите се само лакирани за да се потенцира нивната природна убавина и сјај, онака како што ги наоѓаме во нивната природна средина, водата. Подготовката на камчиња лакирањето трае ден-два. Додека целосното создавање на сликата со камчиња и останатите природни материјали, трае од 5 до 8 дена. Тоа подразбира и воедно бара исклучително трпение, концентрација, смиреност и голема љубов пред се. Оваа уметност опфаќа детали што навидум се едноставни а сепак за нив се вложува многу труд, рече тој.
Радичевски е единствениот во Македонија кој им ја дава душата на обичните камчиња импресионира со уметничките творби како вистински професионалец.
-Сметам дека сум единствен во нашава земја кој ја има развиено оваа гранка на уметност до висок степен на професионализам. За изработка на овие слики потребно е големо трпение, знаење и умешност, за правилно и складно да се искомпонираат сите детали, кои потоа прават убава уметничка композиција, а секоја од нив има своја приказна, открива 35-годишниот гостиварчанец.
Интересот за рачната изработка е се поголема и вреднувана кај нашите купувачи, па уметниците од оваа интересна творба можат и да заработат добро.
– Па можам да кажам дека сум задоволен од она што го творам. Како и од секоја уметничка работа, така и од оваа може убаво дa ce заработи. Искрено сметам и имам впечаток дека во последен период се зголемува интересот за рачните изработки, и уметноста, оценува Радичевски.
Малкумина знаеме какви се камења можеме да пронајдеме додека одиме на езеро, море, планина, Радичевски открива какви се видови има во природата.
– Секако, би издвоил неколку видови на камчиња: meteorite, neolith, volcanic, pumice, onyx, rock quartz, rock crystal, obsidian, green jasper. Од природните материјали би ги издвоил: семињата, овошни кори, цветови, пупки, суви плодови, суви растенија, стебленца.
Доколку сакате повеќе да дознаете за оваа уметност можете да ја посетите фејсбук страната на Александар Радичевски и да се запознајте подетално за камчињата.
Весна Петровска