Здружението „Гласен Текстилец“-Штип на денешниот онлајн состанок со Министерката труд и социјална политика Јагода Шахпанска и директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска алармираше на злоупотреби од страна на работодавачите во делот на фирмите, кои ги пријавуваат како микро или мали претпријатија, а не коренспондира со реалната фактичка состојба.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец забележува дека не може да се водат правни лица како микро или мали претпријатија кои имаат вработено преку 270 вработени и располагаат со голем капитал.
-Воедно Гласен Текстилец исто така смета дека глобите кои ги изрекува Државниот инспекторат за трудот на работодавачите се мали и не одговараат согласно тежината на констатираниот прекршок, бидејќи претставува можност работодавачот да ја плати глобата без никакви потешкотии и да продолжи со практиката да ги прекршува работничките права. Не може работодавач кој што не исплатил две или три плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување на стотици вработени да си помине со 200 евра казна, а работниците да си ги бараат платите во судска постапка, која е скапа и не може еден работник, кој не земал три месеца плата да плаќа судски трошоци и адвокати, вели Ампева.
Посочи дека здружението „Гласен Текстилец“-Штип ќе иницира промени во законската легислатива во делот на глобите, а се однесуваат за прекршени работнички права, како што вели Ампева затоа што смислата на секое превентивно казнување е корекција на однесување и превоспитување за во иднина прекршувањето да не се случи или да се сведе на минимум.
МИА