Собраниската Комисија за здравство на денешната седница не го прифати Предлог-законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, во прво читање, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Кoмисијата и владиното мнозинство сметаат дека таков предлог-закон веќе е усвоен од Собранието, изјави за МИА претседателот на Комисијата, Арбен Зибери.
Со предлог-законот поднесен од двајцата пратеници од Левица, посочи Зибери, се бара нов закон за здравствена заштита. Тој рече дека нивните предлози веќе се инкорпорирани во законот, кој вчера го усвои Собранието, а беше поднесен од Владата односно од министерот за здравство.
– Имаше дискусија во Комисијата дека тие барања во Предлог-законот се веќе инкорпорирани во постоечкиот закон каде се работи за намалување на цените на здравствените услуги во приватните болници и во однос на цената на ПЦР тестот. Во законот, кој беше усвоен од Собранието, е уредено намалувањето на цените во приватните здравствени установи, како и цената на ПЦР тестот. Беше предложено ПЦР тестотда биде бесплатен, за што очигледно пратениците или не се запознаени или само сакаат политички да профитираат. ПЦР тестот во сите јавни здравствени установи не се наплаќа. Секој граѓанин, кој е препратен за тест и го исполнува протоколот кој е даден од Комисијата за заразни болести, има бесплатен ПЦР тест, потенцира Зибери.
Тој појасни дека со новиот Закон, кој го донесе Собранието, се регулира цената на ПЦР тестот и се изедначува со таа што Фондот ја наплаќа кон државните институции, на 1860 денари.
– Предлагачот Апасиев, кој беше присутен на Комисијата го образложи законот, но неговото објаснување повеќе беше околу техничките усогласувања во однос на законот со Уставот, отколку реално за проблематиката на која се однесува или за здравствениот аспект на законот, додаде Зибери.
МИА