Ќе се менуваат прозорците и фасадата на зградата на Инфективниот оддел во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/21 3:08 PM

Ќе се менуваат прозорците и фасадата на зградата на Инфективниот оддел во Штип

Започна долгонајавуваната реконструкција на зградата на инфективниот оддел во Штип. Со европски пари, преку проект за трансгранична соработка со Република Бугарија, ќе се менуваат прозорците и фасадата на зградата.

Директорот на Клиничката болница, Ален Георгијев, вели дека заедно со оваа реконструкција ќе спроведат и централен довод на кислород во зградата.

– Проектот за реконструкција беше стопиран поради состојбата со коронавирусот, но сега конечно се створија поволни услови да започнеме. Очекуваме да завршиме со предвидената реконструкција за два до два ипол месеци. Проектот чини околу 160 илјади евра, пари од европските фондови, а согласно условите бевме обврзани да го завршиме до крајот на август. Според динамиката со која веќе се работи, очекуваме дека рокот ќе биде испочитуван и ќе успееме да го искористиме грантот, рече Георгијев.

Пациентите со коронавирус моментално се хоспитализираат во модуларната болница, а доколку има потреба од дополнителен капацитет во следните два месеци, директорот најави дека се консултирал со директорите на болниците од околните градови, па тие се понудиле да им излезат во пресрет.

Додека се реконструира инфективно, сите останати пациенти кои не се со коронавирус, а имаат потреба од хоспитализација, ќе бидат сместени на одделот за дерматовенерологија.

– Амбулантата за инфективни болести е се уште во зградата за инфективно поради распоредот и зоните, црвена и зелена, кои мора да ги запазиме во делот за работа со корона пациенти. Така е договорено и со фирмата која ги изведува градежните работи, амбулантата да остане овде, а во моментот кога ќе дојде редот за реновирање на просторијата кај што е, таа ќе биде префрлена од другата страна. Работата на амбулантата ќе се одвива непречено во зградата на инфективниот оддел, со цел да не доаѓаме во ситуација да ги мешаме и персоналот и пациентите кои се со корона и оние кои се без, вели Георгијев.

Пациентите од одделот за неврологија, кој се наоѓа во истата зграда која ќе се реновира, ќе бидат префрлени на кардиологија.