Примила ли пари општината за мини хидроцентралата? – Извинување од граѓански активист бара Општина Кочани – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/21 2:47 PM

Примила ли пари општината за мини хидроцентралата? – Извинување од граѓански активист бара Општина Кочани

Средства во висина од 30.000 евра по Договор за концесија за изградба на мини хидроцентрала, се тема на јавна преписка меѓу Општината Кочани и граѓанската активистка Ана Симонова, претседателка на здружението „Грин.орг“.

Симонова на Фејсбук објави дека добила информација од Министерството за животна средина и просторно планирање дека биле уплатени пари на сметка на Општината од концесионерот на мини хидроцентралата „ДИС енергија“ од Скопје, која покрај таа во Кочани ја гради и хидроцентралата во Пробиштип. Симонова во прилог објавува и документ за уплата во Општината Пробиштип.

Општината Кочани обвини дека Симонова шири лажни вести и побара извинување според Законот за навреда и клевета.

-Општина Кочани остро ги отфрла ваквите лаги и смета дека станува збор за пропаганда со умисла. Како илустрација на лажните аргументи од објавата на Ана Симонова е спомнувањето на „склучен договор во 2018 година“, документ што не постои, исто како и трансакцијата. Токму од тие причини Општина Кочани смета дека под превезот на заштита на животната средина, Ана Симонова ја дезинформира јавноста и се обидува да влијае на јавното мислење. Општина Кочани бара извинување од претседателката на „Грин.орг“, во спротивно ќе ги преземе сите правни мерки согласно законската регулатива, стои во реакцијата.

Симонова во изјавата за ММС рече дека веќе се извинила и објасни дека тоа е информација што ја добила од одговорен во Министерстовото, кој посочил дека 15 дена по склучување на договорот помеѓу „Дис Енергија“ и Општина Пробиштип и Општина Кочани (склучени на ист ден), се пуштени средства на буџетот на двете Општини .

-По вторпат откако се јавив Мелита која е одговорна во Министерството, која ми одговори потврдно дека се пуштени овие средства и во Општина Кочани. Воедно не’ известија дека доколку се стопира изградбата парите треба да се вратат. Да потенцирам: никој, ниту јас немам потврдено дека средства се пуштени, бидејќи како што напишав: на средба со градоначалникот на која беше присутен и Сашко Стефановски (член на Советот на Општина Кочани) истиот ни потврди дека: никакви средства не се пуштени, објасни Симонова.

Со извинувањето, екологистката ја повика Општината да излезе со соодветна документација идоколку се пуштени пари, да бидат вратени на „Дис енергија“ во знак на несогласување за изградба на хидроцентрала.

Од Општината негираа дека има таква трансакција и ги повикува надлежните институции да реагираат по допрен глас и да извршат финансиска проверка.

Граѓаните, како и повеќе граѓански организации, вклучувајќи ја и „Грин.орг“ се противат на изградбата на мини хидроцентрала до браната Гратче во Кочани. Почна и постапката за распишување на локален референдум. „Грин.орг“ упати барање до Државната изборна комисија, а денеска писмено побара  од Советот на Општина Кочани да распише референдум.

Речиси целата административна постапка пред почетокот на изградбата на мини хидроцентралата е завршена, а Основното јавно обвинителство од Кочани соопшти дека нема кршење на постапката при донесувањето на документацијата.