Црвени фустани во центарот на Скопје како симбол на Меѓународниот ден на сексуалните работници: Невладините во нивно име побараа законски измени и спречување на насилството – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/21 11:36 AM

Црвени фустани во центарот на Скопје како симбол на Меѓународниот ден на сексуалните работници: Невладините во нивно име побараа законски измени и спречување на насилството

Стигмата и личните убедувања на здравствените работници, на социјалните и полициските службеници водат кон молк на сексуалните работници, кои се плашат да проговорат за насилството и за деградацијата со кои живеат. Невладините организации кои се активни на полето за поддршка на оние кои се занимаваат со сексуална работа по личен избор денеска повторно апелираа да се декриминализира нивната работа. Предлагаат целосно нов закон кој ќе ја регулира сексуалната работа, што според нив, ќе доведе до намалување на сиромаштијата.

„Заедницата на сексуалните работници бара признавање на сексуалната работа како професија по слободен избор, со што ќе стане дел од пазарот на трудот. Сексуалните работници ќе бидат признаени како работници со што непречено ќе може да обезбедуваат егзистенција за себе и своите семејства,  ќе добијат слобода во формата и начинот на организирање на работата, но и можност да ги исполнат своите граѓански обврски и должностите кон државата. Дополнително, признавањето на сексуалната работа ќе придонесе кон прифаќањето и ослободувањето на клиентите или оние кои купуваат сексуални услуги.  На тој начин, лицата кои доброволно и самостојно одлучуваат да се занимаваат со сексуалната работа ќе може слободно да работат и да заработуваат без страв и срам од јавната осуда или кривичниот прогон“, порача Јагода Митева од Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје.

Претставниците на ова и на други здруженија денеска во градскиот парк во Скопје изложија црвени фустани, чија боја симболизира љубов и страст. Според активистите, сексуалните работници со гордост ја носат црвената боја покажувајќи дека изборот на својата работа е лична одлука. Денешниот перформанс е организиран по повод  Втори јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници.

„Оваа година преку оваа креативна акција, преку перформанс со изложување на црвените фустани сакаме да покажеме дека сексуалните работници кои со своја волја доброволно одлучиле да се занимаваат со работата што ја работат, со гордост го носат црвениот фустан и дека сакаат околина каде што ќе бидат почитувани, нема да бидат деградирани и омаловажувани и слободно ќе може да ја работат својата работа“, порача извршната директорка на Здружението ХОПС, Хајди Штерјова Симовониќ.

Во  фокусот на годинашното одбележување повторно се најде исклученоста на сексуалните работници од системот на социјална и здравствена заштита.

„Ова континуирано се документира и се работи со лицата од заедницата во насока на охрабрување за пријавување и решавање на овие проблеми. Сепак, заедницата се уште има недоверба во институциите и проблемите се повторуваат. Тие се особено загрижувачки во помалите места во државата  и се третираат како непогодни родители.  Во случај на повреда на нивните права тие имаат ограничен пристап до правда, а често институциите  се оние кои ги прекршуваат тие права“, посочија од Здружението СТАР. Оттаму сметаат дека законите треба праведно да се спроведуваат и да се унапреди системот за превенција од насилство, па и злоупотреба на службената положба.

Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини потенцира дека декриминализацијата нема да значи нерегулирана сексуална работа, туку напротив – заштита на работничките права.

„Со сегашниот модел сексуалните работници се криминализирани преку практиката на полицијата, третирани се како криминалци и сите активности на полицијата се одвиваат на грбот на сексуалните работници. Тоа ни зборува за еден двоен стандард. Станува збор за цела индустрија, имаме менаџери, управители со објекти каде што се одвива сексуалната работа и за жал, посредници. Најголеми последици од сегашниот модел има врз грбот на сексуалните работници, спектакуларно апсени, а сите останати најчесто минуваат со парични казни од доменот на пазарното работење“, истакна Дрндаревска. Таа додаде дека декриминализацијата ќе ги заштити работниците од насилство и ќе превенира трговија со луѓе.

Од Коалицијата Маргини бараат посебен закон по примерот на Нов Зеланд, но и измени во казненото законодавство.

Искуството на невладиниот сектор покажало дека сексуалните работници се исклучително погодени од пандемијата со ковид-19, бидејќи рестрикциите за движење ги спречиле да работат изминатите месеци. Во однос на прашањето колку луѓе се занимаваат со оваа работа, тие велат дека не постои конкретна статистика, но би можело да има таква ако дојде до декриминализација.

Во моментот, здруженијата соработуваат со околу 200 сексуални работници. Веруваат дека нивниот број е далеку поголем, но велат дека поради стравот да проговорат за она со што се занимаваат, тие се тешко достапни и за граѓанските активисти.

Инаку, денешниот ден се одбележува како Интернационален ден на сексуалните работници од 1975 година, кога на 2 јуни, 100 сексуални работници ја окупирале црквата Свети Низиер во Лион, Франција. Тогаш тие за првпат го побарале своето право за подобро живеење и работење.

 

Фото: Facebook / STAR – The First Sex Workers Collective in the Balkans, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

В. Ми