Јавноста ќе почека на извештајот за мазутот – на Владата и’ треба време за анализа – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/21 7:35 AM

Јавноста ќе почека на извештајот за мазутот – на Владата и’ треба време за анализа

Се’ уште не се  објавуваат извештаите од инспекциите и анализите од квалитетот на увезеното гориво, иницирани по новинарска сторија откри дека било увезувано канцерогено отпадно масло како мазут. Министерот за економија, Крешник Бектеши во телевизиско гостување рече дека ги знае резултатите и индиректно најави санкции за неколку компании, каде е направена контрола на горивата и и ги најави тие резултати за текот на вчерашниот ден (вторник). Сепак, Владата по вчерашната седница, објави дека на институциите им дала дополнителни седум дена да се дообјаснат за одредени информации.

-Владата под координација на претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши,  ги разгледа извештаите поднесени од страна на надлежните институции, поврзани со информациите за случајот со увоз на нафтени деривати. Во рамки на рокот од 14 дена, по владините задолженија дадени на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, сите институции, Министерството за економија, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Бирото за метрологија, доставија извештаи. Извештаите содржат информации во врска со почитувањето на одредбите од Правилникот за квалитетот на течните горива, податоци за увоз на нафтени деривати во периодот 2018-2020 година,  извршени надзори од страна на инспекторатите во компаниите увозници и корисници. Се работи за обемна документација и по направениот пресек на досегашните добиени информации, се донесе одлука дека е неопходно за одредени наоди, дел од надлежните институции да достават дополнителни информации во рок од седум дена, соопшти владината прес служба.

Според овој извештај, Царинската управа е дополнително задолжена, да го дополни извештајот со податоци за сите компании увозници на мазут и масло за ложење за периодот 2018-2021 година. Исто така, Царинската управата треба да достави извештај за постапување по претставки за увоз и извештај со податоци за спроведени контроли на мазут во нивната лабораторија и во акредитираните лаборатории.

Владата ги задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и Министерството за економија, заедно со Царинската управа, ДПИ и ДИЖС, по извршените анализи на досегашните информации да направат сублимат и истиот да го достават на следната владина седница.
Дополнително, Владата ја задолжи Царинската управа да ги споделува сите информации за влез на нафтени деривати со ДПИ, со цел поефикасно спроведување на надлежностите.