Новиот извештај на невладината организација Амнести Интернешнл ги обвинува државите на Европската Унија за „катастрофалниот“ импакт на европсските политики врз мигрантите, од кои над 700 починале само во јуни и јули оваа година обидувајќи се да стигнат во Европа преку Медитеранот.
-И покрај падот на бројот на луѓе кои се обидуваат да го преминат Медитеранот последниве години, бројот на мртви во море е зголемен. Одговорноста за зголемувањето на жртвите целосно паѓа врз европските влади кои се попреокупирани со тоа да ги задржат луѓето надвор отколку да ги спасат, изјави Матео де Белис од Амнести.
Невладината остро ја критикува новата италијанска влада – коалиција на екстремната десница „Северна Лига“ и популистичката партија „Пет Ѕвезди“, која, од своето доаѓање на власт ги одбива бродовите со мигранти на своја територија.
Според поморските закони, бродовите кои пловат имаат обврска да ги спасат пресретнатите бродови и нивните патници кои се во опасност и да ги доведат до најблиското безбедно пристаниште. Според меѓународните закони, исто така, Либија не е класифицирана како безбедна земја, и мигрантите не смеат да бидат однесени или вратени таму, туку мораат да бидат однесени во најблиското безбедно пристаниште.
Пред неколку месеци, Италија одби да го прими бродот Аквариус, кој со денови бараше безбедно тло, откако по Италија беше одбиен и од Малта и до Франција, за на крај да биде примен од Шпанија, која стана и новиот прв влез кон Европа за мигрантите.
Амнести предупредува дека освен зголемениот број на мртви во Медитеранот, зголемени се и арбитрарни затворања на лица во затворски кампови во Либија. Од 4000 затворени лица во март, бројот е зголемен на 10.000 во јули. Според Амнести речиси сите овие луѓе се однесени во Либија откако биле лоцирани во Медитеранот од страна на либиските власти, кои се опремени и тренирани од страна на европските влади.
-Европските влади во договор со либиските власти ги задржуваат бегалците и мигрантите во Либија и покрај ужасни злоставувања со кои се соочуваа во затворските центри во Либија, вели де Белис, кој предупредува дека екстрнализацијата на миграциската политика е “длабоко загрижувачка“.
Невладината вели дека нотирала повеќе прекршувања на меѓунардното право, како враќање на бродови кон Либија. Амнести бара сериозни истраги за овие инциденти и посочува дека тие ги “исталнуваат смртоносните последици од политиките на Европа“.
Невладината бара од европските влади да престанат да ја „екстернализираат“ оваа политика, односно да оставаат трети, често небезбедни земји како Либија, да ги менаџираат, и наместо тоа да инвестираат во политики кои ќе донесат ред во системот и безбедни опции за мигрантите и бегалците кои патуваат кон Европа.
Иако требаше да се случи во првиот дел од оваа година, ЕУ не успеа да постигне договор на ниво на земји членки на реформата на системот наречен “Даблин“ односно заедничката европска политика за азил. Реформата на оваа политика се очекуваше да постави појасни правила за тоа кои ќе ги прими и како ќе се распоредат бегалците и мигрантите кои пристигнуваат во Европа.
Источноевропските земји како Унгарија и Полска беа категорично против оваа реформа, бидејќи одбиваат прием на бегалци. Други земји во ЕУ исто така одбија да се договорат за оваа реформа од други причини, меѓу нив Италија, чија нова влада е целосно против приемот на мигранти.
Бројот на мигранти е драстично намален во однос на 2015 кога бранот на бегалци од Сирија доведе до затворање на балканската рута. Мигрантите сега се одлучуваат за западно-медитеранската рута преку Шпанија, која е многу поопасна. Поради силното анти-мигрантско расположение во Европа, и покрај падот на бројот на мигранти кои пристигнуваат, бројот на мртви е значајно зголемен, посебно во овие летни месеци.
Преземено од: standard.mk