Се уште не знаеме кога ќе стигнат вакцините „Спутник В“ што беа најавени за крајот на мај, очекуваме информации од руската амбасада, рече Филипче – ММС
ММС

Објавено на: 06/1/21 10:43 AM

Се уште не знаеме кога ќе стигнат вакцините „Спутник В“ што беа најавени за крајот на мај, очекуваме информации од руската амбасада, рече Филипче

Руските вакцини „Спутник В“ кои беа најавени дека ќе стигнат до крајот на мај се уште не се пристигнати. Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека разговарал со амбасадорот на Русија во земјава, кој му рекол дека ќе искомуницира со Институтот во Москва, па ќе ни даде повратни информации.

Точен датум нема ни за кинеските „Синовак“, но министерот најави дека се очекуваат во првите десетина дена од јуни.

Одговарајќи на новинарско прашање дали вакцинацијата ќе продолжи со истиот интензитет, Филипче вели дека процесот на имунизација нема да запре.

– Завчера стигнаа фајзеровите вакцини и тие веќе ќе бидат дистрибуирани. Во текот на неделата очекуваме и други вакцини од Бугарија и Грција. По поставениот механизам тие ќе се распределат и вакцинацијата ќе продолжи, рече Филипче.

Во однос на младите кои се вакцинирани со АстраЗенека, Филипче потенцираше дека нема препораки за примање втора доза од друга компанија.

За најавените донации на вакцини од Грција и Бугарија, кои најверојатно ќе бидат АстраЗенека, Филипче вели дека вакцините сигурно нема да останат неискористени зошто се уште има голем дел граѓани над 60 години кои не се вакцинирани.