Во текот на оваа година има склучено 37 бракови од кои еден од сопружниците бил од соседните држави како Косово Бугарија Албанија, Србија, Турција, но има и склучени бракови со лица од Соединетите Американски Држави.
Но од овие 37, само десетина биле со мешан етнички или религиски состав.
Меѓуетнички брак каде и двете лица живеат во Тетово годинава нема, а изминативе години се вистинска реткост.
Експертите од оваа област велат дека мешаните бракови ги нема поради традицијата, но и недовербата, односно секоја заедница гледа како напад врз својата, односно загрозување, а тоа особено е изразено во балканските држави
-Кај нас поради недоверба многу ретки се браковите од мешан етнички состав, ако сопружниците се родени тука, но тоа не е пример само тука, туку тоа го има и во други земји. Тие мешани бракови се табу тема, како врски може да постојат, но кога ќе дојде до брак тогаш заедницата става бариера, ако жената се омажи за маж од друга заедница во Македонија или во која било друга држава, тоа се чуствува како изневера вртење на грб на таа својата заедница. Но тоа се параметри кои не се специфични само за Македонци и Албанци туку и за заедници и во други држави – вели професорката по мултикултурализам, Маја Мухиќ.
Таа додава дека треба да поминат генерации оваа тема да биде минато, и секој од нас да се бори и да ја отвори својата заедница кон другата, затоа што проблемите помеѓу заедниците можеби биле само проблеми кои ги имале претходните генераци, но не и младите генерации.
Инаку поради пандемијата оваа година како и ланската намалена е и бројката на склучени бракови на тетовското подрачје. Досега се склучено 192 брака. Податоците говорат дека минатата година имало 412 за разлика од 2019 кога биле евидентиран 130 склучени бракови повеќе.
Зоран Димовски