Кина ќе дозволи брачните парови да имаат по три деца – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/21 10:02 AM

Кина ќе дозволи брачните парови да имаат по три деца

Брачните парови во Кина ќе може да имаат по три деца, што всушност претставува промена на политиката од постојната граница на две деца, откако неодамнешни податоци покажуваат драматичен пад на раѓањата во најнаселената земја во светот.

Ваквата промена била одобрена за време на состанокот на Политбирото со кој претседавал претседателот Си Џипинг, објавува новинската агенција Ксинхуа.

Во 2016 година  Кина ја укина својата дводецениска политика со која се дозволуваше паровите да имаат едно дете, па дозволи да се имаат и по две, но сепак ваквата одлука не успеа да резултира со пораст на наталитетот поради високите трошоци за одгледување деца во кинеските градови.

Ксинхуа наведува дека промената на политиката доаѓа со мерки за поддршка, но не прецизира какви.

Промената на политиката предизвика и лавина реакции на кинеските социјални медиуми, каде многумина изјавуваат дека не можат да си дозволат да имаат ниту едно или две деца.

„Подготвен сум да имам три деца ако ми дадете пет милиони јуани (785.650 американски долари)“ – пишува корисник на Веибо.

На почетокот на месецот кинескиот попис кој се одржува еднаш на десет години, покажа дека има најниска стапка на природен прираст уште од 1950 година.

 

извор: ројтерс