Македонскиот кларинетист Благој Ламњов, кој живее и работи во Малме, Шведска беше дел од светската премиера на новата циркус-опера на американскиот композитор Филип Глас.
Операта на Малме во живо ја пренесуваше оваа спектакуларна циркус-опера, оживувајќи ја поезијата на Robert Lax преку интернационален тим на светски акробати и циркуски уметници, оперски пејачи и музичари.
Велешанецот Благој Ламњов свири на кларинет и е еден од музичарите кои настапија во претставата „Циркуски Денови и Ноќи“. Во неа освен овие музичари, учествуваат и врвни имиња на светскиот циркус.
Ламњов за ММС раскажа како е создадена премиерата на либретото од Дејвид Хенри Хванг во соработка со Циркус Сиркор од Шведска и циркус режисерот Тилде Бјерферс.
– Американскиот поет Роберт Лакс се сретнал со познатото циркуско семејство Кристијани во 40-те години на минатиот век. Се заљубил во циркусот и во стилот на живеење на тоа семејство. Роберт почнал да патува заедно со нив и во текот на тие патувања пишува поезија за нив и за нивниот циркус и авантури. Денеска, после повеќе од 70 години, направена е циркус-опера базирана на тие негови поеми. Оваа претстава е направена по барање на Шведката циркуска компанија Циркус Сиркор во соработка со американскиот композитор Филип Глас – истакна Ламњов.
За музичкиот виртуоз на кларинет Ламњов ова било спектакуларно искуство затоа што бил дел од вистинска приказна.
– За мене е неверојатно доживување да гледам во живо нешто што досега сум го гледал само на телевизија. И не само тоа, туку да свирам за интернационален тим од циркуски акробати и уметници кои ти го земаат здивот со нивните високо ризични дисциплини што ги изведуваат на сцената. Да бидам во претстава базирана на вистинита приказна за поетот Роберт Лакс и неговата емотивна поврзаност со циркусот – додаде Благој Ламњнов кој лани пред пандемијата настапуваше солистички заедно со Филхармонискиот оркестар во Малме.
Шведската компанија Циркус Сиркoр е од Стокхолм и за оваа претатава вработила акробати и уметници од Шведска, Бразил, Канада, Белгија и Француска Гвинеја.
– Тоа е една сериозно зрела група на луѓе чиј фокус и концентрација на сцената говори многу за нивната страст кон тоа што го прават. За оваа претстава на циркусот му требаше помош и од Операта на Малме. Така и јас ја добив оваа работа како сериозен надворешен соработник со Операта на Малме. Морам да ја пофалам затоа што во оваа институција владее разбирање за се и секого и буквално излегува од своите граници на комфорност и прави уметнички чуда – говореше во возбуда нашиот уметник кој по албумот „Носталгична љубов“ работи на второ музичко издание кое ќе биде промовирано наскоро.