Црвен картон за новиот бордо дрес на македонската фудбалска репрезентација – На ЕП ќе играме во досегашните дресови, одлучи ФФМ – ММС
ММС

Објавено на: 05/30/21 9:31 AM

Црвен картон за новиот бордо дрес на македонската фудбалска репрезентација – На ЕП ќе играме во досегашните дресови, одлучи ФФМ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини објави дека Европското првенство ќе се игра во досегашните дресови. Тој изрази искрено жалење за негативните реакции во јавноста предизвикани од бојата на новиот дрес.
„Драги навивачи на македонската репрезентација. Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство. Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст. Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање. За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ“, напиша Сејдини.

Тој во својот пост вели дека Федерацијата и службите на ФФМ целосно ќе а преземат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.

„Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови. Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање“, вели Сејдини.

Поради реакциите од бојата на дресот, тие како Фудбалска федерација на Македонија испратиле допис до УЕФА со кој бараат натпреварите од Европското првенство да ги одиграат со актуелните дресови.

„Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото. Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме. Ве повикувам со добра мисла да ги испратиме нашите херои на Европското првенство. Навивачкиот дух да им биде ветер во грб“, напиша Сејдини.