АА и Алтернатива иницираат оценување на уставноста на одлуката за ослободување на српските државјани од плаќање патарина – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/21 2:52 PM

АА и Алтернатива иницираат оценување на уставноста на одлуката за ослободување на српските државјани од плаќање патарина

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Владата за ослободувањето на српските државјани од плаќање на патарина при транзит низ земјава.

Иницијативата ја поднесе адвокатот на коалицијата Абидин Абдули, кој изјави дека сметаат оти оваа владина одлука не е во согласност со законите во нашата земја.

– Сметаме дека оваа владина одлука е противзаконска, бидејќи во Законот за јавни патишта таксативно пишува кои возила се ослободени од плаќањето на патарина. Затоа, оценуваме дека секоја владина одлука треба да биде во согласност со законите на Република Северна Македонија, рече тој.

Абдули истакна дека не е првпат да не добијат одговор од Уставниот суд, но, како што рече, тие како политичка партија го креват гласот „против секоја неправда, против секоја владина одлука која не е во согласност со законите на оваа земја”.

Владата пред неколку дена донесе одлука да се изработат 200.000 електронски картички за плаќање патарина за српските туристи и тие ќе им бидат давани на влез во Македонија на Табановце. На електронските картички ќе има 760 денари, колку што чинат патарините на автопатот од Табановце до Богородица. Изработката на една картичка ќе чини 100 денари. За набавката на овие картички Владата предвиде 172 милиони денари (2,8 милиони евра).

 

МИА