Само неколку часа откако ФФМ ги промовираше трите варијанти на новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со кои ќе дебитираме на Европското првенство, Интернет е преплавен со негативни коментари, а веќе е подготвена и петиција за враќање на црвената боја. Коментарите се дека куќата на фудбалот со бордо наместо црвен дрес и со трета варијанта црно-портокалов е глушост и се прашуваат каде се боите на македонското знаме- црвено-жолтата. „Македонија на ЕП со старите дресови“ ,вака гласи петицијата, која онлајн ја потпишуваат навивачи.
-Го имавме можеби најубавиот дрес која некоја фудбалска репрезентација го имала! Наместо, да играме со дресот кој носеше радости и победи, дресот за кој целиот фудбалски свет зборуваше колку е уникатен и убав, стручњаците во ФФМ решиле да направат нови дресови, кои воопшто не ја содржат препознатливата црвено-жолта боја и личат како дрес на Летонија. Срамота! Додека не е предоцна, повлечете ги овие дресови од употреба, вратете ги старите и претставете ја Македонија во најдобро светло, се вели во петицијата, која досега има 3.000 потписи.
А коментарите и натаму не престануваат. „Со рис спуштен од гугл и бордо боја – катастрофа сте“,, „Ви требаше многу време за да го унаказите најубавиот дрес што сме го имале“, „Црвена, црвена, боја ми е најмила! Историски пласман на Европско првенство и убедливо најружниот дрес во историјата на македонската репрезентација“, „Нашата боја е црвена и ја симболизира крвта на македонскиот народ во борбата за независна држава“ се само дел од многубројните негативни коментари.
Кое е мислењето на ФФМ сеуште не се знае. Побаравме и коментар од ФФМ, но сеуште нема одговор на нашите прашања.