На revakcinacija.mk ќе се пријавуваат  постарите од 60 години кои се вакцинирале со АстраЗенека во Србија, а сакаат да се ревакцинираат овде – ММС
ММС

Објавено на: 05/28/21 12:46 PM

На revakcinacija.mk ќе се пријавуваат  постарите од 60 години кои се вакцинирале со АстраЗенека во Србија, а сакаат да се ревакцинираат овде

Од денеска ќе биде активирана нова веб страница revakcinacija.mk наменета за граѓаните кои се вакцинирале во Србија, а кои ќе сакаат да се ревакцинираат овде. Ова денеска го најави министерот Венко Филипче кој соопшти дека на овој начин, волјата за ревакцинација ќе може да ја искажат само оние кои се над 60 години. Помладите кои се вакцинирале со АстраЗенека кај северниот сосед, ќе треба да отпатуваат таму и за втората доза.

Списоците за тоа колку и кои граѓани се имунизирале во Србија, нашите здравствени власти се уште ги немаат иако ресорниот министер тврди дека неколку пати разговарал за ова со својот српски колега Лончар.

„Сите кои се над 60 години и ќе се пријават преку сајтот revakcinacija.mk ќе направиме план да ги ревакцинираме. Тоа ќе биде околу 20-ти јуни. Списоците не ги добивме иако неколку пати разговаравме“, додаде Филипче.

Тој објави дека нашите граѓани кои се ревакцинирани на кое било место, ќе може за тоа да го известат својот матичен лекар и тој да го внесе таквиот податок во системот. Во однос на сертификатите кои ревакцинираните ќе ги добијат од Србија, Филипче вели дека се сосема валидни.

„Сертификатите ги имаат сите технички карактеристики кои се бараат на граничните премини исто како и нашиот сертификат, а во завршна фаза е и изготвувањето на апликацијата со QR кодот . Не сакаме да избрзуваме за да биде целосно споремна кога ќе се пушти во употреба“, додаде Филипче.

 

В. Ми