Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 427.535 граѓани – соопштија денеска од Министерството за здравство.
Во денешното соопштение од МЗ наведуваат дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 231.014 граѓани.
-Прва доза вакцина вчера примиле 2.504 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.598 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 290.829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59.815 граѓани. Со последните бројки 47 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – информираат надлежните.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.