Пендаровски – Радев: Развојот е можен само со дијалог на рамноправни соговорници – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/21 3:55 PM

Пендаровски – Радев: Развојот е можен само со дијалог на рамноправни соговорници

Европската идеја на Македонија има перспектива, но треба да работиме и двете земји со уште поинтензивен дијалог. Работите треба заедно да ги решаваме. Ова во изјава за медиумите го порача бугарскиот претседател, Румен Радев. Тој уште еднаш го повтори ставот дека нема потреба од посредници меѓу Софија и Скопје.

Нема потреба од посредништво, ако се вклучи европска земја ќе треба преведувач. Зошто ни е преведувач ако трошиме пари – истакна Радев.

Тој и нашиот претседател, Стево Пендаровски денеска ја посетија базиликата „Санта Марија Маџоре“ оддавајќи им почит на Светите браќа Кирил и Методиј.

„Денес со колегата Радев сме во Рим за да оддадеме почит на едно исклучително дело на двајца духовни великани, кое ги надминува националните и религиозните граници и е од големо значење за целиот континент па и пошироко.  Тоа што сме денес заедно не е случајно, ова се случува за првпат, не заедничко чествување туку на највисоко политичко ниво да бидеме претставени двете соседни држави. Не е случајно затоа што сакаме да покажеме дека и на Балканот има политичари кои можат да зборуваат на европски јазик кога зборуваат за актуелните проблеми и предизвици, и се разбира за нашата иднина“, истакна Пендаровски.

Тој посочи дека во неговиот бугарски колега препознал соговорник со кој зборуваат на ист, европски јазик.

„Овде не зборувам за македонскиот или бугарскиот јазик, зборувам за европскиот јазик, кој  единствено може да донесе подобра  и посреќна иднина за нашите  граѓани. На највисоко политичко ниво го чествуваме делото на Св. Кирил и Методиј и се разбира, тоа нема да биде доволно. Ќе биде неопходно и на други различни ниво од локална самоуправа до централните влади во Скопје и во Софија. Ова е нова динамика во нашите билатерални односи. Се надевам дека во месеците и годините што се пред нас, и пред Северна Македонија и пред Република Бугарија стојат многу подобри денови“, истакна Пендаровски. Според него, суштината на случувањата од изминатите два дена е дека развојот на секој народ и на секоја држава е можен ако има дијалог на двајца рамноправни соговорници.

Пендаровски цени дека во ЕУ и сега е вклучена во дијалогот меѓу Софија и Скопје бидејќи како што рече, таму каде што има потреба од европска помош, ние ја имаме. Според Радев пак, комуникацијата со Европа постои, но најважна е довербата меѓу двете држави.

„Наскоро ќе имаме многу подобра соработка, ќе има поголема помош од Бугарија. Нашите млади луѓе сакаме да бидат пријатели“, најави Радев.

Тој рече дека со денешната заедничка посета се испраќаат пораки за доверба и пријателство.

-Денес можам да ве уверам дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете држави, за развој на економските, трговските, образовните и културните врски и најважното – за зближување на луѓето. Верувам дека заедно со нашите пријатели од Република Северна Македонија  имаме решителност да споделуваме заедничка иднина во обединета Европа. Нашата писменост и култура, не само што ни олеснува, туку и не’ обврзува заеднички да одиме по овој пат – додаде Радев.

Одговарајќи на новинарско прашање дали го поддржува Договорот кој беше потпишан со Бугарија во 2017-та година, Пендаровски истакна дека тој станал претседател во 2019-та, а да поддршка и на тој Договор, но и на Преспанскиот.

 

 

 

В. Ми