Координативното тело на акционери во Стопанска Банка АД Скопје се собра пред Апелацискиот суд за да го изрази незадоволството од одлуката со која се укина пресудата на првостепениот суд во спорот кој тие го водат против банката.
Акционерите реагираа до медиумите поради одлуката на Апелација со која се повредени правата на над 3600 сопственици на приоритетни акции.
Проблемот, според нив, го предизвикала Националната банка на Грција која е мнозински акционер на Стопанска банка АД Скопје, а Народната Банка на РСМ како регулатор одбивала да им го реши проблемот во последните две години.
„Почитувани судии од Апелациониот суд Скопје, г-ѓа Станка Зафировска, г-ѓа Виолета Поповска и г-дин Фатмир Скендер, за информација на јавноста, првостепениот суд со пресудата ги поништи одлуките за распределба на добивката за 2018г. и за исплата на дивиденда на приоритетните акции за 2018г.
Ние, акционерите на Банката, се сомневаме дека, одлуката е донесена на барање и под притисок од страна на Банката. Се сомневаме дека зад притисокот не стои најголемата домашна банка (СТБ), туку нејзиниот мнозински акционер Националната Банка на Грција, кој е најголем сопственик на Банката со удел од 95%, и е најзаинтересиран за укинување на пресудата. Мнозинскиот акционер НБГ жестоко се противи да се откаже од 2,5% од дивидендата што им припаѓа како право на над 3600 иматели на приоритетни акции. Стопанска банка нема што да загуби во спорот, туку дивидентата ќе биде само само правилно распределена помеѓу сите акционери“, соопштија од Координативното тело.
Тие се жалат дека гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ниту еднаш не прифатила средба со акционерите, а паралелно издала три согласности на банката за измена на Статутот.
Во моментов, пред Основниот Граѓански суд Скопје во тек е третата тужба во која 430 акционери ја тужат Банката заради непочитување на акционерските права од страна на Националната Банка на Грција и бараат надомест на штета од 1,5 милион евра.
Судиите ги известуваат дека за судскиот спор известени се и редовно ќе бидат известувани шефот на канцеларијата на ЕУ, амбасадорите на САД, Германија, Франција, Италија, Холандија, и мисијата на ОБСЕ.
„Користиме прилика, да ја запознаеме јавноста и со притисоците што се вршат врз вработените во Банката. Последните притисоци се врз вработени кои одлучија да бидат дел од групата тужители, а истовремено ги исполнуваат условите за предвремено пензионирање со исплата на отпремнина, да бидат казнети односно да не им биде исплатена отпремнината како на другите вработени. До каде може да отиде човечката злоба, се прашуваме? Можеби треба во знак на поддршка на казнетите вработени, вработените во Банката да протестираат на пример, со “15 минутно стоење покрај работно место”.
Акционерите бараат од премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии г. Фатмир да преземат се што е во нивна надлежност и да побараат од гувернерот согласно неговите надлежности да постапи и да го реши овој проблем, а од претседателот Стево Пендаровски да застане во заштита на над 3600 акционери или граѓани на земјата.
Реакција следуваше и од Стопанска Банка АД Скопје која потенцираше дека како членка на групацијата НБГ целосно ги почитува законите и прописите во земјата и секогаш работат врз основа на најдобрите светски практики.
„Би сакале повторно да нагласиме дека овој спор не е помеѓу Банката и акционерите, ниту меѓу главниот акционер и другите акционери. Тоа е спор создаден од мала група иматели на приоритетни акции (0,5% ) кои откако 20 години немале никаков проблем сега излегуваат против 99,5% од акционерите на Банката. Сите нивни намери и интенции се да извлечат дополнителни износи на дивиденда од преостанатите акционери, што е спротивно на сите одлуки од генералните собранија на Стопанска банка од 1996 година до денес.
Банката целосно ги почитува одлуките на судовите во земјата. Затоа, ги замолуваме и останатите да го сторат истото, да ги остават настрана притисоците преку медиумите врз судскиот систем и сите други власти во земјата. Секаде и секогаш, ваквите спорови се решаваат во судовите врз основа на доказите и податоците што секоја страна ги има на располагање, додека за дивидендите на акционерите секогаш се одлучува исклучиво на Генерално собрание на акционери и никаде на друго место“, реагираат од Стопанска Банка АД Скопје.
Орце Костов