Папата Франциск во боите на Македонија – Неговата светост доби на подарок од Пендаровски фудбалски дрес испишан со неговото име – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/21 1:28 PM

Папата Франциск во боите на Македонија – Неговата светост доби на подарок од Пендаровски фудбалски дрес испишан со неговото име

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Ватикан имаше аудиенција кај папата Франциск. Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост, папата Франциск доби на подарок од Пендаровски дрес од македонската фудбалска репрезентација со неговото име.

– Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи на претстојното европско првенство, наведува Пендаровски.

Како што објави шефот на државата на Фејсбук, потврдено е искреното пријателство и длабоките врски меѓу Светата Столица и Република Северна Македонија.

– Добивме поддршка и благослов да продолжиме посветено да работиме за мир, среќа и благосостојба на сите наши граѓани. Врз темелите на бесмртното дело на Светите Кирил и Методиј, со заштитниците на Европа и понатаму ревносно да градиме заедничка просперитетна иднина, напиша Пендаровски по средбата со папата Франциски.

Тој му заблагодарил на папата за историската посета на земјава, што претставува огромно признание за нас.

Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за продлабочување на односите со Светата Столица, во сите сфери од заеднички интерес и го истакна значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество.

Претседателот Пендаровски посочи и на значењето што нашата држава го придава на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи.

По аудиенцијата кај Неговата Светост, Папата Франциск, претседателот Пендаровски оствари средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

О.К.