ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ денеска го задолжува секое просечно четиричлено семејство за нови 4.000 денари – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/18 2:05 PM

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ денеска го задолжува секое просечно четиричлено семејство за нови 4.000 денари

За нови 36,6 милиони евра денеска преку записи и обврзници на домашниот пазар се задолжува Министерството за финансии, макар што претходно беше најавено дека преку обврзници ќе се повлечат 32,5 милиони евра. Ресорното министерство соопшти дека утре ќе се вратат 2 милијарди денари (31,8 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.

На ова, опозициската ВМРО – ДПМНЕ реагираше со став дека СДСМ денеска го задолжува секое просечно четиричлено семејство за нови 4.000 денари. Портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски на денешната прес конференција  реагираше и за зголемувањето на јавниот долг.

„Само изминативе 3 месеци јавниот и државниот долг вртоглаво пораснаа благодарение на недомаќинското работење на СДСМ. Јавниот долг во изминативе 3 месеци СДСМ го зголемија за 54 милиони евра, додека пак државниот долг го зголемија за 29 милиони евра. Или малку попрецизно, секој ден изминативе 3 месеци, јавниот долг се зголемува за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра. На толку задолжувања реализацијата на капиталните проекти до сега е смешна исто како што е смешен и растот на БДП. НЗа само 1 година владеење на СДСМ, освен скандали, афери и криминали не видовме ниту една реална инвестиција за подобрување на животот на граѓаните“,  изјави Арсовски.

„Нема нови автопати, нема нови училишта, нема нови градинки, нема нови студентски домови, нема нови болници, нема повисоки субвенции за земјоделците, нема повисоки пензии за пензионерите, нема повисоки плати за вработените, едноставно нема ништо од тоа што ветуваа СДСМ во предизборието. ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да престане со расипничкото однесување и неразумните задолжувања. ВМРО-ДПМНЕ исто така бара СДСМ да се откаже од намерите предвидени од фискалната стратегија со која што државниот и јавниот долг би отишле над 50% од БДП“, додаде тој.