Пандемијата ја зголеми свеста кај луѓето за важноста на здравиот начин на живот кој освен грижа за физичкото и менталното здравје, подразбира и здрава исхрана. Ова им донесе полни раце работа на нутриционистите, кои се вброија меѓу професионалците што новонастанатата состојба ги исправи пред нови предизвици.
Кога станува збор за оваа професионална фела, разговараме со две нутриционистки – Цвета Динева и Клаудија Адеми, кои за читателите на Македонски медиа сервис објаснуваат како да се зајакне имунитетот преку здрави намирници и како всушност, тие може да помогнат доколку дојде до зараза.
„Улогата на нутриционистите за помош на граѓаните сега во услови на пандемија е многу важна. Ние им даваме совети и насоки на пациентите како да го зајакнат имунитет по природен пат. Даваме совети во врска со исхраната, но и со суплементацијата“, вели во интервју за ММС, Цвета Динева. Според нутриционистката, силниот имунитет значи и здрав начин на живеење.
„Храната го зазема главното место, но важно е и движењето на луѓето. Важно е тие навреме да легнуваат и да стануваат, за да може во текот на ноќта да се лачи доволно мелатонин“, додава Динева објаснувајќи дека здравата исхрана подразбира сокови кои може да бидат цедени или блендирани.
„Овошјето може да се јаде сирово, но добро е да се оди и на варијанта со сокови. Купечките сокови независно дали се газирани или негазирани, се недозволени“, вели Динева додавајќи дека задолжително треба да се јадат свежи салати секојдневно. Освен тоа, салатата треба да е придружен дел и на ручекот.
„Салатите треба да бидат што поедноставни, доволно е да бидат со две-три состојки за да може подобро да се метаболизираат“, истакнува нашата соговорничка.
Таа препорачува и висока доза на Ц витамин, што значи дека во секој сок може да се стави лимон.
„Зелените сокови со блитва, брокула или друг сличен зеленчук повеќе вршат работа кај луѓето кои немаат ковид. Доколку некој го има вирусот или веќе го прележал, а како резултат на тоа има покачени Д-димери, тогаш треба да го органичи К витаминот. Тоа значи да не консумира толку зелени, туку црвени сокови“, советува Динева. Таа на пациентите кои се заразени во моментов им препорачува да растворат мали дози на спирулина или зелена пченица во сок од лимон.
Нутриционистката вели дека постојано и’се обраќаат пациенти со ковид-19. Еден од нив имал покачена телесна температура која достигнала до 39,9 °C. Сепак, благодарение на советите пациентот успеал да ја симне температурата за неполни десет часа.
„Заразените исто така, треба превентивно да земаат и кокосово масло за да спречат да се создаде кандида. Најдобро е да се зема по една лажичка наутро, независно дали тоа е пред или по појадокот“, додава Динева.
Особено е важно пациентите кои се заразени да консумираат чај од кромид. За да го подготват потребни се 3-4 главици кромид и два литра вода. Кога водата ќе почне да врие и ќе достигне до количина до еден литар, таа се цеди. Вака приготвениот чај се пие по малку, односно по десетина пати во текот на денот, а може да комбинира и со куркума. Чајот од кромид треба да се пие барем седум дена за да се отворат бронхиите.
Кога станува збор пак за суплементите, Динева вели дека кај пациентите со ковид-19 важен е внесот на Д3.
„Ваквиот суплемент не треба да се зема на гладно, за разлика од Ц витаминот кој може да се земе и додека се пие некој од цедените сокови. Дневно може да се пијат и до 4 или 5 сока, за да може пациетот да го хирдира своето тело“, вели Динева. Според неа, важни се и цинкот и селенот, но тие може да се внесат во организмот и преку бразилски ореви.
„Доволно е да се јадат по 4 бразилски ореви дневно“, посочува Динева додавајќи дека заразените може да пијат и пробиотици, но не и доколку примаат антибиотик.
„Тие кои се со антибиотици, треба да почекаат да поминат неколку дена од завршетокот на терапијата, па да почнат со пробиотици“, советува Динева.
Со сличен став е и нутриционистката, Клаудија Адеми. Таа вели дека луѓето постојано треба да се хранат здраво, а не чарето да го бараат во здравите намирници откако ќе се разболат.
„Јас го почитувам системот на функционирање при кој на секои три часа се јаде. Луѓето треба да го јадат тоа што ни го дал Господ, а не брза храна со шеќери. Таквата храна создава болести и не носи ништо добро за нашето тело. Ако јас денес изедам една пица и две парчиња торта, не сум внела ништо како нутритиент“, вели Адеми. Таа порачува дека брзата храна содржи шеќери и масти кои на луѓето не им даваат ниту концентрација, ниту енергија.
„Јас на моите пациенти им советувам да имаат три главни оброци во текот на денот и две ужинки“, додава оваа нутриционистка.
За зајакнување на имунитетот исклучително важна е и физичката активност.
„Луѓето треба постојано да се движат. Евентуално пак, ако се заразат, значи дека ќе бидат уморни, ќе спијат и ќе бидат омалаксани во текот на целиот ден. Во тој случај кај нив може да се јави покачена телесна температура и да немаат апетит. Затоа препорачувам храната наместо да ја џвакаат, да ја блендираат“, истакнува Адеми.
„Јас не давам суплементи. Напротив, сметам дека секој витамин може да се внесе преку храната. Луѓето треба да внесуваат Ц витамин преку лимони, да ги консумираат колку што можат повеќе, особено наутро. Препорачувам да се јаде се’ што е црвено овошје, а во исхраната исто така да се вметнат и куркумата и ѓумбирот. Треба да се консумира кокосово масло, маслиново масло, бел лук и магданос. Ова може да се комбинира со брокула, морков или каков било друг зеленчук што имаат дома. Значи се што имаат од зеленчук слободно може да готват и тоа да го консумираат како блендирана каша во која ќе додадат и цеден лимон доколку не можат да џвакаат“, нагласува Адеми.
Вака приготвените каши или како што вели таа, крем супи може да се консумираат и ладни. Особено важно е да се пие и што повеќе вода, но количината на дневно ниво да не надмине 4 литри.
Адеми дава совет и како да се приготви чај во домашни услови.
„Се врие вода, во неа се ставаат два лимона, малку ѓумбир и една лажичка мед. Овој чај може да се пие и изладен, а во него може да се стави и куркума. Јас сум за се што е природно, но сум против суплементи“, вели Адеми.
Според неа, луѓето треба да настојуваат колку што можат повеќе од она што го консумираат да го приготват дома.
„Ако нешто купиш готово ти не знаеш што се’ има во него. Сега на интернет има многу рецепти за здрава храна, секој може да се научи да готви, па и да си меси леб во домашни услови. Најдобро е лебот да се прави со интегрално брашно, а во него може да се додадат ореви, бадеми или семки од сончоглед“, посочува Адеми за ММС.
Вели дека во комбинирањето на овошјето и зеленчукот нема ништо погрешно. Единствено не може се’ со се’ да се меша доколку некој е дијабетичар и е на инсулинска терапија.
„Луѓето кои имаат дијабет тоа многу добро го знаат, во нивната храна не може се’ да се стави, но останатите кои не се на инсулинска терапија може да стават се’ што им се допаѓа“, порачува Адеми.
Вања Мицевска
Фото: Илустрација / Freepik