Заев се уште го брани Рашковски, но вели ќе прифати ако Судот одлучи дека е виновен – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/21 11:29 AM

Заев се уште го брани Рашковски, но вели ќе прифати ако Судот одлучи дека е виновен

Премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“ вели дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, не ја злоупотребил функцијата. Во моментов според него Рашковски не може да се смета за виновен, туку тоа ќе биде доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба.

Според премиерот набавките кои Рашковски ги спровел се кристално чисти.

– Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели Заев за „Фокус“, потенцирајќи дека неговото мислење не го обврзува Судот.

На прашање дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за организиран криминал и корупција, премиерот вели дека апсолутно не им верува како и за многу други случаи, спомнувајќи го тука и случајот за организаторите на 27 април, а и оти не мора да се согласува со тврдењата на Русковска.

– Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди. Сум имал спротивни ставови околу притворите за Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кога кажав дека притворот не смее да биде казна, туку само обезбедување присуство. Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен и изземен, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, кој важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли, додава Заев за „Фокус“.

На констатацијата на „Фокус“ дека сепак на крајот последниот збор го имаат Обвинителството и Судот, премиерот Заев вели дека пред фактите и боговите молчат.

– Ако победи аргументацијата на Обвинителството и на Судот, јас можам да не се согласувам, но ќе морам да се поклонам и да ја испочитувам, одговара премиерот.

Инаку поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, се наоѓа во притвор поради аферата со набавката на сообраќаен софтвер за МВР, кој бил платен 81.000 евра, но всушност министерството никогаш не го користело.

Рашковски како што објави „360 степени“ на почетокот на неделава, е предмет и на втора истрага на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Според „360 степени“ причина за новата истрага е спорен тендер во кој Рашковски купил софтвер и опрема, во вредност од 105.000 евра, но повторно ниедна институција не го користела.