Во Русија почна вакцинацијата на животни против коронавирусот – соопштија од Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор. Претставничката на оваа институција, Јулија Мелано прецизираше дека вакцинацијата на домашните миленици почнала во неколку руски области.
„Првата испорака на единствената вакцина против корона, а која е наменета за животните, Carnivac-Cov стигна во руските градови, за да се спречи ширењето на заразата меѓу животните“, изјави Мелано, објави новинската агенција ТАСС, пренесува Танјуг.
Ова е единствена ваква вакцина во светот и создадена е од руските научници. Русија во март објави дека ја регистрирала првата вакцина против вирусот за животни откако тестовите покажаа дека со неа се создаваат антитела кај кучињата, мачките, лисиците и куните – потсетува Ројтерс.
Вакцината ја развија Федералниот центар за здравје на животните и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор. СЗО претходно изрази загриженост поради преносот на вирусот меѓу луѓето и животните. Производителот на вакцината истакна дека таа би можела да ги спечи мутациите на вирусот. Инаку, Русија досега разви три вакцини, освен вакцината за животни. Од нив, најпозната е Спутник В, а останатите се ЕпиВакКорона и КовиВак.
Фото: Илустрација / Designed by Freepik
Извор: balkans.aljazeera.net