„Учебници и настава мора да има“ – протест против најавените реформи во образованието – ММС
ММС

Објавено на: 05/26/21 7:43 PM

„Учебници и настава мора да има“ – протест против најавените реформи во образованието

Организирани преку иницијативата „Учебници и настава мора да има“ попладнево родители го почнаа својот протестен марш пред Министерството за образование и наука, беа пред Владата, а потоа пред Собранието. Пред Собранието испратија пораки до пратениците и до ресорното Министерство да ги повлечат, како што велат, сите најавени образовни реформи кои треба да стапат во сила од новата учебна година.

Родителите изјавија дека се против дигитализација на учебниците онака како што е најавено и додадоа дека проблем претставува и воведувањето предмет сексуално образование. Тие добија поддршка од организацијата „Средношколски глас“.

Максим Крстевски од „Средношколски глас“ посочи дека министерката Царовска се уште не го слуша нивниот револт.

-Видовме дека онлајн наставата не вроди со плод. Дигитализација да, но не на ваков начин и не преку ноќ. Учебници мора да има и мора да се вратиме во училишните клупи, изјави Кртевски.

Освен во Скопје, низ земјава се протестира уште во 18 други градови, каде родителите се собираат пред општинските згради и го изразуваат своето незадоволство против најавените образовни реформи.

МИА