Македонија има што да понуди – Вински бутик и ноќевање во буре вино – ММС
ММС

Објавено на: 05/26/21 2:41 PM

Македонија има што да понуди – Вински бутик и ноќевање во буре вино

„Развој на ено-гастрономскиот туризам во Тиквешкиот регион“ на Тиквеш вински туризам е еден од вкупно 58 потпроекти, кои во изминатите четири години се реализираат со поддршка од ЕУ и со средства од Владата.

Овие проекти имаат за цел да ги откријат убавините на нашата земја, кои ги има многу, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на промоцијата на потпроектот чија цел е да понуди сместување во автентични, алтернативни поизолирани сместувачки капацитети во комбинација со добра храна и вино.Потпроектот е со вкупна вредност од 315 илјади евра од кои 148 илјади евра се финансирани од Проектот за локална и регионална конкурентност, а останатите средства ги обезбедува ,,Тиквеш”.

Со овие средства поддржано е отворање на вински бутик во кругот на винаријата во Кавадарци, но и изградба и модернизација на сместувачки капацитети во Барово и Лепово, како и трасирање на три нови велосипедски патеки.

-Економскиот развој кон кој се стремиме започнува на локално ниво. Затоа Владата секогаш ќе биде поддржувач на вакви иницијативи, кои овозможуваат искористување на огромниот потенцијал што го има нашата земја за создавање конкурентни производи и услуги, привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација, рече Битиќи.

Нагласи дека земајва има што да понуди кога станува збор за туризмот.

Ова е еден од најзначајните проекти, со кој се овозможени сериозни средства, со вкупна вредност од 18 милиони евра, од кои три милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европската Унија, за што упатувам искрена благодарност до делегацијата и граѓаните на земјите членки, рече Битиќи.

Евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека проектот им помага на винариите да го совладаат производството на квалитетни продукти и да му помогнат на регионот да развие одржлив туризам што ќе  ја сочува животната средина.

-Со виното кое се произведува во овој регион, со пејзажите, историските локации и со традицијата се чини дека Тиквешкиот регион ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Потребна е само уште една дополнителна експертиза и малку помош околу подготовката на стратегија, а токму тоа е она што овој проект се обидува да го обезбеди, рече Гир.

Проект менаџерот Тихомир Костадинов, рече дека го реализира Тиквеш вински туризам во соработка со Домејн Лепово и Барово ДООЕЛ.

-Реализацијата опфаќа три компоненти од кои првата е реконструкција и унапредување на сместувачките капацитети во Лепово, втората е адаптација  и монтажа на вински буриња како дополнителен капацитет во Барово и третата – изградба на мултифункционален вински бутик во Кавадарци. Целта е да создаде иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни содржини како што се велосипедските патеки низ лозовите насади, рече Костадинов.

 

Весна Петровска