Како ќе патуваат Србите низ Македонија: 200.000 картички со по 760 денари патарина за транзит до Грција – ММС
ММС

Објавено на: 05/26/21 1:54 PM

Како ќе патуваат Србите низ Македонија: 200.000 картички со по 760 денари патарина за транзит до Грција

Изработката на 200.000 картички кои српските туристи ќе ги добијат како знак на благодарност од Македонија кон Србија за хуманиот гест и помошта во вакцини, ќе ја чинат земјата околу 320.000 евра, односно 100 денари по картичка.

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа информираа дека за српските туристи ќе бидат изработени картички на кои има 760 денари за патарина колку што чини возењето по нашиот автопат од Табановце до Гевгелија, односно ќе бидат наменети за еднократно транзитирање ко коридорот 10 низ Македоноија.

„200.000 картички за српските туристи со по 760 денари за патарини во два правци, колку што чини транзитот по коридор 10 низ Македонија. Оваа мерка е со цел да возратиме на Србија за хуманиот гест и помошта во вакцини“, информираа Арсовски и Хоџа.

ММС побара одговор од Владата дали овој начин е најефикасниот да им се излезе во пресрет на српските туристи и дали со доделување на картички се отвора простор за злоупотреба на картичките при нивната изработка или користење.

“Ова е најефикасен начин, од техничка природа, како да излеземе во пресрет на српските граѓани. Преку ова ќе се има увид точната бројка на издадени картички и нема простор за нивна злоупотреба бидејќи на нив ќе има точен износ на средства од 760 денари кои се потребни за плаќање на патарина при поминување на Коридор 10. Картичките ќе останат во трајна сопственост на српските граѓани и ќе имаат можност да ги надополнуваат преку системот е-card за следен влез во  Македонија“, рекоа од Владата за ММС.

Владините портпароли посочија дека Министерството за финансии е задолжено да префрли 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 така наречени М-Смарт Кард, а откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, ќе бидат вратени во државниот буџет. Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку граничниот премин „Табановце“.

На новинарско прашање за пресметките за бројот на картички портпаролот Арсовски посочи дека тие се направени преку анализи на поминати возила во претходните години, ако се земе предвид фактот дека минатата година поради пандемијата со КОВИД-19 границите речиси да беа цело време затворени.

„Споредбата е направена од 2019 година во која имаше рекорден приход од наплата на патарина и во која транзитираа речиси рекордни бројки на возила со туристи. Така што, во однос на бројката оттаму е извлечена таа анализа и е дојдено до оваа бројка од 200.000 картички. Во однос на изработката за тоа е задолжено Јавното претпријатие за државни патишта“, нагласи Арсовски.

 

Орце Костов