Рокот за поднесување барања за добивање на финансиска поддршка во земјоделството по Програма 2021 година, наместо до крајот на мај се продолжува до крајот на јуни, информира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Ова продолжување на рокот, како што се наведува, е на барање на земјоделците и со цел сите земјоделци да го искористат правото за добивање финансиска поддршка за мерките од годинашната Програма за директни плаќања.
-Земјоделците до овој рок ќе можат да ги поднесуваат барањата по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година, односно за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади, како и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, и за заклани животни во кланица, изјави директорот на АФПЗРР Никица Бачовски.
Како што соопшти АФПЗРР, барањата за добивање финансиската поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Оние баратели кои не знаат сами да поднесат барање или имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели.
– Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето. Одгледувачите на добиток пред поднесување на барањето задолжително треба да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор, се вели во соопштението.
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој апелираат сите корисници на оваа финансиска поддршка по аплицирањето и добивањето на печатениот примерок добро да ги проверат податоците и ако има одредени отстапувања во рок од 30 дена од денот на аплицирањето да ги извршат потребните корекции.
МИА