Апсурдно е со референдум да се блокира дигитализацијата и осовременување на образованието – велат од МОН – ММС
ММС

Објавено на: 05/25/21 10:42 AM

Апсурдно е со референдум да се блокира дигитализацијата и осовременување на образованието – велат од МОН

Правото на покренување на иницијатива за референдум е легитимно, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана, апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот. Вака реагираа денеска од Министерството за образование и наука откако граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ почна со собирање потписи за организирање референдум во врска со најавата за дигитални учебници.

Од МОН тврдат дека новото законско решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат.

За  најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства – сметаат од ресорното министерство.

Оттаму тврдат дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.

Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата.

Во учебниците се воведуваат теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности кои мора да ги поседува секој европски и граѓанин на современо општество. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, пак, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина – нагласуваат од МОН.

Министерството апелира дека сите кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение кое е достапно на веб страната на МОН, можат да го сторат тоа преку повеќе канали за непосредна комуникација со самата институција.

 

Фото: Илустрација / Designed by Freepik