Воскреснуваат патриотските радикални здруженија – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/18 1:02 PM

Воскреснуваат патриотските радикални здруженија

Станува ли општеството заложник на мноштвото патриотски здруженија кои почнаа да се формираат на фонот на „Ноќта на ножевите“ и по повиците на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за десороизација, само неколку дена по парламентарните избори во 2016 година, чии резултати сегашната опозиција не ги признаваше? Патриотските невладини организации, во чии статути стои дека се борат за зачувување на македонскиот интегритет и унитарноста на државата многу често, според аналитичарите, пропагираат национализам, говор на омраза, поттикнуваат насилство, предизвикуваат верска и етничка нетрпеливост – пишува Независен.

Тие се регистрираат во Централниот регистар како здруженија на граѓани, а речиси без исклучок во своите логоа или грбови имаат костурски глави, копја, пушки, бомби, ками… На фејсбук-страници можат да се видат коментари од типот „Смрт или слобода за клетите предавници, душмани и изроди на македонскиот народ“. Нивното дејствување политичките посматрачи го оценуваат како контрадејствување по секоја цена. Практично, тие се против сè. Против изборот на Албанец за претседател на Собранието, против договорот со Бугарија, против Законот за јазици, против договорот со Грција, а во поново време, освен што се против владејачката партија, се и против политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

По низата повелби, осојузувања, заклетви, чествувања на дејци знајни и незнајни, комити и војводи, колнења дека по секоја цена ќе ги бранат интересите на државата, не исклучувајќи притоа и насилни методи, дел од нив деновиве се споија под слоганот „Македонија бојкотира“. Нивни членови учествуваа во минатогодишниот крвав 27 април, а со сета своја иконографија беа главните во публиката која го бодреше претседателот Ѓорѓе Иванов, испраќаше шовинистички скандирања и ги гаѓаше странските гости и дипломати и делегацијата на Владата.

„Секој има право на свој став, на искажување на своите мисли и идеи. Легитимно е да си против договорот со Грција, но тоа не ти дава за право да провоцираш, навредуваш, да шириш говор на омраза, да повикуваш на верска и етничка нетрпеливост, да повикуваш на линч на неистомислениците. Јас сум подготвен да дебатирам со аргументи со секој од нив“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Главниот „дефект“, според него, лежи кај интуициите кои се надлежни да го санкционираат прекршувањето на законите. „Јавното обвинителство отвори случај по допрен глас за говорот на омраза на социјалните мрежи во врска со пожарите во Грција, што е добро. Но покажува комплетна неагилност во однос на она што се случува по прашањето на референдумот“, нагласува Муслиу, според кого негувањето на погрешните идеологии нè турка во бездна, и како личности и како држава која цели да биде дел од европското семејство.

Медиумите веќе подолг период објавуваат за напливот од патриотски здруженија кои одреден период се притајуваат и потоа воскреснуваат по потреба. Во април минатата година во Велес се одржа конститутивна седница на т.н. Македонски национален фронт, кој претставуваше сојуз на 24 македонски патриотски здруженија меѓу кои Непокор (Струга), Илинден 1903 Крушево, Андон Ќосето (Велес), Васил Чакаларов (Тетово), Владо Черноземски (Куманово), Методиј Патчев (Охрид)….

Струшкото патриотско здружение „Непокор“, како што беше објавено, е формирано од Ивица Томовски, Раде Шајноски, Антонио Мечкароски, Никола Пентидис и Бојан Блажески. Поголем дел од нив биле членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Струга. „Методија Патче“, пак, е Здружение на граѓани со патриотска провиниенција, кое првенство ги чествува сите дејци знајни и незнајни, комити и војводи од охридско-струшкиот регион, а еден од основачите е Горан Лазаровски. На амблемот е испишано „Слобода или смрт“, а истиот се состои од костурска глава, пушка, копје и бомба. По промоцијата на здружението, професорката Мирјана Најчевска реагираше дека држава која според Уставот е социјална и се базира на концептот за човекови права не смее да толерира ваква симболика.

Деновиве едно од поактуелните патриотски здруженија е „Христијанско братство“. Фејсбук-профилот на здружението е полн со слики од давање заклетви организирани по манастири и цркви низ Македонија. Централно место зазема сликата со Исус распнат на крст на која на македонски и на англиски е испишано името на Здружението.

Организацијата, која е дел од групацијата која се залага за бојкот, удри со закани и по опозицијата обвинувајќи ја дека сака да го поддржи референдумот и дека затоа добиле покана за да влезат во власта.

„Не играјте си со Македонија и со народот. Ако сака некој да си го менува името и презимето, може дома, а не на моето семејство“, порача еден од основачите, Жарко Гроздановски, на потпишувањето на меморандумот за бојкот. Неговите говори вообичаено изобилуваат со пораки до душманите, предавниците, до корумпираните политичари и расколниците кои, како што вели, продадоа и мајка и ќерка.

Во актуелниот политички миг, кога државата забрзано чекори на евроатлантскиот пат, кога на некој начин се смируваат страстите и помеѓу партиите, велат аналитичарите, најмалку што е потребно е запалива реторика и радикализација на состојбите во пресрет на референдумот. Притоа, апелираат дека говорот на омраза и нетрпението кон различностите и поинаквото мислење не смее да се третира само како прашање од вербална – бенигна гледна точка, односно да се третира како издувен вентил. Или терапевтски говорен чин.

 

Извор: Независен