„Старецот и голот“, “Горан Велики и неговите следбеници“, “Пандев, ѕвезда, икона, национален херој: За Северна Македонија е повеќе од најдобар фудбалер на земјата“, се насловите кои осамнаа во германските медиуми со кои се најави нашата фудбалска репрезентација пред натпреварот со бившиот светски првак Германија.
“Можете да го доведете во прашање Александар Велики, но не и Горан Велики“, ја пренесе легендарната изјава на селекторот Игор Ангеловски, Штутгартер Нахрихтен во пресрет на квалификацискиот меч за СП 2022, а големината на Горан и другарите ја почувствува и Германија на своја кожа.
Македонија ја совлада Германија и ја исплаши фудбалската јавност пред Евро 2020. Оттогаш наваму европските медиуми постојано нагласуваат дека можеби нашата репрезентација на чело Ангеловски ќе биде најголемото изненадување на Евро 2020.
“Господ ме избра за ова“, ја пренесоа европските медиуми легендарната изјава на Гранде Пандев после пласманот на Европското првенство.
За фудбалските новинари Македонија е мал противник со голема ѕвезда – Горан Пандев, рекордер по бројот на голови и настапи во државниот дрес.
“Никогаш не сум се чувствувал како ѕвезда, головите не ми значат, сакам само да помогнам“, додава Пандев.
Германците се воодушевени од скромноста на Горан Пандев и од неговата љубов кон татковината која остана непрекината и после 20 години живеење во Италија
После Европското Пандев сака да ја заврши кариерата на 38-годишна возраст, а би се збогувал на реванш натпреварот против Германија на 11 октомври во Скопје.
Ако го прашате селекторот Ангеловски, тој нема да му дозволи на Пандев да ги соблече копачките, а во пензија не го пушта ниту тренерот на Џенова.
О.К.