Горан Пандев е еден од лидерите во тимот од Серија А, Џенова, а УЕФА го смета за најважна алка во составот на македонската репрезентација која ја води Игор Ангеловски. Горан Пандев има 114 настапи за Македонија 36 погодоци во дресот на „рисовите“.
„Победничкиот гол против Грузија му го цементираше статусот на национален херој. Тимски лидер, креативен и вреден фудбалер кој на 37 години има одлична техника со која создава шанси за гол“, го најави УЕФА нашиот Пандев.
Покрај него, УЕФА смета дека и младиот Енис Барди со 31 настап и пет гола за Македонија е еден од клучните играчи.
„Плејмејкерот на Леванте има добар пас, креативност и е најдобар изведувач на слободни удари во Шпанија покрај Лео Меси. А, со учеството на Евро 2017 за играчи до 21 година, Барди го има и потребното искуство на вакви турнири“.
Македонските фудбалери ќе се соберат на 25 мај, со тренинзи стартуваме ден подоцна, а според УЕФА регулативите, закажавме и уште еден тест против Казахстан на 4. јуни. Првиот тест е мечот со Словенија на 1 јуни.
О.К.