Основачот на опозицискиот каналот „Некста“ Роман Протасевич е уапсен на аеродромот во Минск, соопшти Управата за борба против организиран криминал и корупција на Министерството за внатрешни работи во Белорусија.
Некста која стана главен извор на вести за демонстрациите во Белорусија, таму е прогласена за екстремистичка организација, а против Протасевич била распишана потерница.
Како што соопштуваат за „Спутник“ од прес-службата на аеродромот во Минск, авионот на „Рајанер“ кој летал од Атина до Вилнус, Литванија, бил принуден да слета во белоруската престолнина поради наводен експлозив, но по слетувањето во авионот не било пронајдено такво нешто.
Телеграм каналот „Пула први“ пишува дека во моментот кога стигнала веста за бомбата, авионот летал во близина на границата и дека поблиску било да слета во Вилнус, но сепак за помош се обратиле до Минск.
Наводно за ситуацијата бил известен и белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој наредил авионот веднаш да се заврти и да се спушти во Минск, а за придружба бил испратен и воен авион.
Протасевич во Белорусија бил обвинет за организација на масовните немири што избија по минатогодишната победа на претседателот Александар Лукашенко.
По ваквиот инцидент државите на ЕУ побараа итно објаснување за принудното слетување на авионот во Минск и за апсењето на опозицискиот активист Протасевич.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од Меѓународната организација за цивилна авијација побара да направи истрага за инцидентот, а од белоруските власти да го пуштат авионот и сите негови патници.
Министерството за надворешни работи на Австрија исто така побара да се направи независна меѓународна истрага за инциденот.
извор: спутникњуз