Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Игор Ангеловски најавува пласман во втората фаза на европското фудбалско првенство.
– Не стравуваме од никого. Имаме квалитет и сакаме да се надигруваме со секого и така ќе се однесуваме на теренот. Со Австрија последните натпревари ги загубивме, но сега е сосема друга ситуација. Со Украина не сме играле одамна, тоа е квалитетна репрезентација на чело со Шевченко. Холандија игра променливо во последно време, но станува збор за фудбалска велесила. Ги респектираме сите, но не се плашиме од никого. По последните успеси, особено победата над Германија свесни сме дека сите ќе бидат повнимателни кон нас, но и нашите фудбалери на чело со големиот Пандев се подготвени и одиме на пласман во втората фаза – рече Ангеловски во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77.
Кога го превзел кормилото на репрезентацијата било вистинско расуло, лоша атмосфера и демотивираност. И покрај тоа што имал успешна клубска тренерска кариера, Ангеловски без двоумење ја прифатил честа да биде селектор на националниот тим. По првите неколку порази размислувал за оставка, но веќе се назирала квалитетната физиономија и спојот на младост и искуство.
– Кога реков дека мојата цел е пласман на Европско првенство на многумина им беше смешно. Јас знаев дека имаме квалитетни фудбалери кои треба да се вклопат во една целина и со една мотивациона хемија, хомогеност и наметнување на напаѓачки и победнички менталитет ќе успееме – вели Ангеловски
Тој бил зачуден па и разочаран од неизвесноста на продолжувањето на договорот со ФФМ и покрај најголемиот успех за Македонија, но тоа говори за капацитетите и намерите на тие што ги лиферувале и наментувале овие дилеми во јавноста.
– И покрај големиот успех чудни беа тие обиди, но мене ми е најбитна безрезервната подршка од јавноста, симпатизерите, навивачите, граѓаните. Тоа е бесценето и не се купува со никакви пари и бескрајно сум благодарен – рече Игор Ангеловски.