(ВИДЕО) Атлетико Мадрид е новиот шампион на Шпанија – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/21 7:26 PM

(ВИДЕО) Атлетико Мадрид е новиот шампион на Шпанија

Диего Чоло Симеоне и неговиот Атлетико Мадрид е новиот првак на Шпанија. Атлетико Мадрид после пресвртот на гостувањето кај Ваљадолид, ја запечати првата позиција на табелата во Примера и ја круниса топло-ладно сезоната со најзначајниот трофеј што шпанскиот фудбал го поседува.

Атлетико Мадрид во првиот дел од сезоната играше најубедливо во домашното првенство и направи повеќе од солидна предност пред конкурентите, која во еден период изнесуваше и повеќе од 12 поени.

Во вториот дел од кампањата 2020/21, „јорганџиите“ ја загубија препознатливата форма и почнаа со губење на натпревари, но силниот и инaетлив финиш во Ла Лига сепак не ги попречи да ја освојат 11-тата титула во својата историја.

https://www.youtube.com/watch?v=ypV9sjnOXFw

Со 21 погодок на „отпадникот“ во Каталонија, Луис Суарез, веројатно и играчот на сезоната во најсилната шпанска конкуренција, мадриѓаните чекореа силно кон втората титула во последните седум години.

Зборувајќи за Суарез, Уругваецот уште еднаш се покажа како клучен и одлучувачки фактор во резултатите на Атлетико Мадрид, овојпат против Ваљадолид во последното 38 коло.

Тој и соиграчите не го стартуваа решавачкиот двобој како што посакуваа, откако Оскар Пиано во 18-тата минута ја валоризираше фантастичната контра на екипата која во 2021/2021 ќе настапува во втората лига.

Храброто мотивирано срце на гостите им донесе 1-1 во 57-та минута кога Анхел Кореа стрелаше прецизно, а десет минути подоцна пехар на шпанскиот гигант му испорача токму Луис Суарез.

-Барселона не ме вреднуваше, не ме ценеше, а со тоа ја отвори вратата на Атлетико за да ми даде шанса. Секогаш на овој клуб ќе му бидам благодарен поради тоа што ми даде шанса, изјави Луис Суарез низ солзи за „Тhe Athletic“.

Во меѓувреме, драмата не ги поштеди ниту навивачите на Реал Мадрид. Бранителите на титулата на „Алфредо Ди Стефано“ губеа од Виљареал 0:1, но во цајтнот, тогаш кога е најпотребно, Бензема и Модриќ дадоа лажна надеж на една од најмасовните фан-бази во светот, дека нивните пулени би можеле повторно спектакуларно да направат победнички камбек. Реал за првпат по 11 години завршува една натпреварувачка сезона без ниту еден освоен трофеј.

 

 

 

Фото:

Twitter

д.ј