Палестинскиот синдикат на новинари изјави дека цел на нападите на Израел врз Појасот Газа и Западниот Брег биле 33 медиуми, а повредени се 170 новинари.
Насир Ебу Бекир, претседател на Синдикатот на новинари, во разговор со новинарот на Агенција Анадолија (AA) зборуваше како нападите на израелската Армија врз блокираниот Појас Газа влијаеле на медиумскиот сектор и неговите вработени, од почетокот на нападите на 10 мај, до договорениот прекин на огнот со Хамас.
Велејќи дека според првите истраги направени за време на нападите, во регионот се уништени 33 центри на медиумски институции, Ебу Бекир посочи дека студиите за проценка на штетите продолжуваат и додаде дека е можно да се зголеми бројот на медиумски организации кои претрпеле штета или биле цел на напади.
Ебу Бекир информираше дека во израелските напади врз Газа се ранети 70 новинари и дека уште 100 новинари биле повредени во насилствата на Западниот Брег и Ерусалим.
Претседателот на Синдикатот на новинари истакна дека новинарите во Газа биле ранети од шрапнелите на бомбите за време на бомбардирањето, додека на Западниот Брег повеќето новинари се повредени од солзавец.
Новинарот Јусуф Ебу Хусеин, кој работел за локалното радио „Гласот на Кудс“, почина откако израелските воени авиони го бомбардираа неговиот дом со три ракети во населбата Шеик Ридван во западна Газа на 19 мај.
– Пријава до Меѓународниот кривичен суд
Укажувајќи дека се вложуваат напори злосторствата што ги изврши Израел да бидат донесени пред суд, Ебу Бекир изјави:
„Синдикатот во соработка со меѓународни новинари подготвува документ што целосно ги опфаќа злосторствата извршени од страна на окупаторските сили врз новинарите во нивните напади во Појасот Газа, Западниот Брег и Кудс (Ерусалим). Наша цел е овој документ да го презентираме пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).“
Посочувајќи дека од правен аспект се потребни неколку месеци за да се заврши документот, Ебу Бакир изјави дека Синдикатот минатата година доставил сличен документ до МКС, но дека судските процедури се долги и комплицирани.
Опишувајќи ги акциите против медиумите како „масакр“, Ебу Бекир истакна: „Израел изврши терористички акти за да ги скрие своите злосторства.“
– Успехот на палестинските новинари
Ебу Бекир истакна дека палестинските новинари покажале извонредна ефикасност и способност да известуваат за настаните за време на нападите, успевајќи да влијаат на јавното мислење и да мобилизираат милиони лица низ светот со објавувањето на ужасните сцени од израелското злосторство.
Тој посочи дека Синдикатот, според дефиницијата на меѓународното право, документирал речиси 500 напади и злосторства извршени на палестинска територија минатата година.
– Канцелариите на АП и „Ал Џезира“ беа цел на напади
Израел бомбардираше зграда во Газа на 15 мај, во која се наоѓаа канцелариите на новинската агенција „Асошиејтед прес“ (АП) и телевизијата „Ал Џезира“.
Бомбардираната зграда е со 60 станови, во кои покрај канцелариите на АП и „Ал Џезира“ имаше и лекарски ординации и адвокатски канцеларии.
Репортери без граници (РСФ) на 17 мај го повика Меѓународниот кривичен суд (МКС) да започне истрага за израелското бомбардирање на зградата во Газа, во која се наоѓаат канцелариите на „Асошиејтед прес“ и „Ал Џезира“.
Израел на 10 мај започна напад врз Појасот Газа, кој е под блокада, а нападите ги запре вчера во 2:00 часот по локално време во согласност со примирјето постигнато со Хамас.
Во нападите на израелската Армија врз Појасот Газа, животот го загубија 248 Палестинци.