ЕУ мора да го испорача ветеното, рекоа министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка на средбата со премиерот Заев – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/21 3:44 PM

ЕУ мора да го испорача ветеното, рекоа министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка на средбата со премиерот Заев

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска ги прими министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Словенија, Анже Логар и на Чешка, Јакуб Кулханек, кои се во еднодневна работна посета на нашата земја.

На разговорот за време на средбата во преден план беа актуелните теми поврзани со евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и притоа премиерот Заев ја истакнал благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што овие земји ни ја даваат во евроинтеграцискиот процес и на проширувањето на ЕУ и се осврнал на значењето на европскиот Економски и инвестициски план за Западен Балкан како значаен за постковид економија и за закрепнувањето на земјите од последиците од пандемијата, соопштуваат од Владата.

-Како земја кандидат за членство чекаме веќе 16 години и како влада со секоја наша постапка, со секој гест, со секоја политика што ја реализираме, покажуваме почитување на сите европски вредности. Преземаме чекори за големи реформи во економијата и образованието како меѓусебно врзани процеси, но работиме на интензивни реформи во секоја сфера на општеството, истакна Заев.

Премиерот Заев се фокусирал и на можностите за деблокирање на процесот на нашето пристапување во ЕУ и  истакна дека нашата цел – членството во Европската Унија нема алтернатива.

-Ние сме силно посветени на наоѓање на решение за проблемот што го отвори Бугарија, притоа потенцираме уште еднаш дека ние за идентитетските прашања нема да разговараме, затоа што станува збор за темелна европска вредност и сме благодарни за разбирањето на кое што наидовме во Брисел и во останатите земји членки на ЕУ во однос на ова прашање, додаде Заев.

Премиерот Заев воедно ја искажал и својата почит кон португалското претседателство со ЕУ и за нивните напори да се реши овој проблем со предлогот решенија со кои министерот за надворешни работи Силва вчера ги презентираше во Скопје и Софија, кои Владата ги оцени како добра основа за решавање на прашањата што Бугарија ги отвори во однос на нашата земја.

На средбата тројцата министри децидно застанале зад предлогот на португалското претседателство оценувајќи го како клучен чекор со кој ќе се засили темпото во евроинтеграциските процеси. Министрите се согласиле дека Северна Македонија успешно ги заврши сите предвидени реформи кои треба да гарантираат одржување на првата меѓувладина конференција и сега на ред е Европската Унија да го испорача ветеното.

 

 

Фото:

Влада на РСМ