Објавен оглас за автори за изработка на нови наставни материјали за четврто одделение – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/21 9:37 AM

Објавен оглас за автори за изработка на нови наставни материјали за четврто одделение

Објавен е повик за искусни практичари за изработка на нови материјали за учење и прирачници за реализирање на наставата во четврто одделение.

По усвојувањето на новите наставни програми за четврто одделение чија примена започнува со новата учебна 2021/2022 година, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието ги продолжуваат активностите за етапна имплементација и ефектуирање на новата Концепција за основно образование која треба значително да ги подигне стандардите за квалитет и суштински да ја промени базата на националниот образовен систем, соопшти МОН.

Материјалите за учење се однесуваат на предметите Македонски јазик, Албански јазик, Турски јазик, Српски јазик, Босански јазик, Математика, Природни науки и Историја и општество, додека прирачниците се наменети за изведување на наставата по Музичко образование, Ликовно образование, Физичко и здравствено образование и Техничко образование.

– Сите содржини во материјалите за учење и во прирачниците за наставниците треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин и авторски јазик кој ќе биде интересен за учениците и соодветен нивната возраст. Истите треба да ја промовираат еднаквоста и почитувањето на различностите, инклузивноста, да ја поддржуваат мултиетничката интеграција и да придонесат секој ученик да ги постигне очекуваните резултати од учењето и да ги стекне компетенциите дефинирани во новите наставни програми за четврто одделение, наведуваат од Министерството.

Оттаму веруваат дека повикот ќе го поттикне интересот за пријавување кај соодветната стручна и експертска јавност, затоа што, како што нагласуваат, и самата иницијатива за крупни промени во образованието која ја покрена актуелната Влада и раководствата на институциите на системот, но и отворената можност за учество на сите заинтересирани, создадоа мотивираност особено кај засегнатите ученици, наставници, стручни соработници, граѓански организации и здруженија да дадат свој придонес кон конкретизацијата и спроведувањето на планот за реформа на основното образование.

– Во текот на минатиот месец беа изработени и наставните програми за прво одделение, а воедно и објавени повиците за автори/авторски тимови за изработка на материјалите за учење и за ликовни илустратори/графички дизајнери за изработка на детски илустрации, потсетуваат од МОН.

МИА