Зелениот пасош ќе важи и за граѓаните вакцинирани во Србија – ММС
ММС

Објавено на: 05/21/21 2:36 PM

Зелениот пасош ќе важи и за граѓаните вакцинирани во Србија

Зелениот пасош или „ковид-пропусницата“ за патување ќе важи и за македонските граѓани кои се вакцинирани во Србија. Ова денеска го потврди министерот за здравство, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали овој пасош ќе може да го добијат и нашите граѓани кои се вакцинирани во соседната земја. Според него, тие ќе треба да се најават на апликацијата и да се испрати електронска пошта со нивни податоци, а QR кодот на сертификатот, што е добиен од која било држава да се скенира.

„Да, се’ што треба да направат е да се скенира QR кодот на сертификатот којшто го имаат од вакцинација во било кое место.Тој QR код ќе биде генериран и ќе биде видлив во апликацијата. Во апликацијата ќе бидат видливи и сите други QR кодови за ПЦР тестирања од следната недела понатаму“, истакна министерот.

„За време на викендот и на почетокот на следната недела веќе ќе се споделат и технички податоци преку системот Мој термин во врска со тоа што ќе треба акредитираните лабаратории да издадат како свој документ за да на таа апликација може да има код којшто ќе ги содржи податоците за вакцина или за секој следен ПЦР тест којшто ќе биде направен, а ќе се генерира со тоа што ќе се внесе кодот во апликацијата. Значи без разлика каде се издадени потврдите за вакцинција, а имаат такви кодови ќе бидат составен дел на нашата апликација“, додаде Филипче.

Одговарајќи на прашањето дали можеби граѓаните ќе треба да отидат кај матичните лекари за да се внесе тој код објасни дека ќе треба да се најават и да им се испрати е-меил со тие податоци.

Во однос на прашањето каде би важел македонскиот зелен пасош, Филипче потенцира дека тој е  усогласен со европските критериуми, што значи дека се води по критериум на Комон пас апликацијата, која е најшироко прифатена и на аеродромите и земјите членки во Европската Унија.

„Битно е ние да сме спремни и да ги имаме сите податоци за вакцинацијата, ПЦР тестот или потврдата за антитела. Нема што друго четврто да се бара при патување. Битно е освен во хартиена форма да имаме и апликација, за што и да биде побарано од нашите граѓани при патување во која било земја ние да бидеме спремни“, нагласи Филипче.

„Засега на грчката граница се бара сертификатот во хартиена форма, но без разлика која вакцина е аплицирана кај граѓаните тој код може да се скенира и да биде дел од оној код што се гледа во апликацијата, вклучувајќи ги сите вакцини кои се кај нас на располагање“, појасни министерот.

Фото:  Архива

В. Ми