Приватните специјализанти од следниот месец ќе бидат целосно здравствено осигурани: Филипче вели за нивното дефинитивно вработување ќе се прават анализи – ММС
ММС

Објавено на: 05/21/21 2:01 PM

Приватните специјализанти од следниот месец ќе бидат целосно здравствено осигурани: Филипче вели за нивното дефинитивно вработување ќе се прават анализи

Сите приватни специјализанти кои досега немаа здравствено осигурување, односно не биле пријавени за работа во друга приватна здравствена установа, а добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, од јуни ќе добиваат дополнителна сума на средства со што ќе биде покриен трошокот за здравствено осигурување. Тоа значи дека добиваат целосно здравствено осигурување.  Ова денеска го најави министерот за здравство, Венко Филипче по средбата со претставниците на Здружението на лекари специјализанти.

Тој истакна дека се решава и нивното барање да им бидат платени сите дежурства, кои ги имаат во институциите каде специјализираат во рамките на нивната едукација.

„Сумата за дежурства се движи од 1800 до 3600 денари зависно од тоа дали се дежура во нормален работен ден, за викенд или за време на празник со што вкупната дополнителна сума која ја добиваат на веќе постоечките 30 илјади денари бруто во еден одреден процент може да достигне и до педесетина проценти повеќе од тоа што сега го добиваат“, изјави Филипче.

Тој тврди дека процесот на решавање на овие прашања е инклузивен, бидејќи одлуките се носат заедно со фокус групите на кои се однесуваат.

„Со специјализантите имаме континуирана комуникација повеќе од 3 години и оваа значајна инвестиција во младите лекари е нешто што ја менува сликата во нашата земја. Секој има право да учествува во креирањето на политиките и младите лекари заслужуваат со конкренти политики да ја гледаат иднинта во оваа земја. Треба да го разгледаме и финализираме прашањето за дефинитивното вработување на специјализантите. Тоа заслужува уште некои анализи бидејќи опфаќа некои други аспекти во однос на специјализација, каталози на работа и така натаму“, додаде министерот.

Претседателката на Здружението на лекари специјалзианти, Александра Георгиева оцени дека ова е значаен момент за секој приватен специјализант, бидејќи за првпат дежурствата ќе бидат исплатени согласно бројот на дежурства во тековниот месец.

„Со здравственото осигурување секој лекар во државните институции ќе може бесплатно да се лекува. Овие мерки ќе донесат задоволство кај колегите, туку и ќе овозможат подобра заштита за пациентите. Се надеваме дека и процесот за вработување ќе се заокружи и нашата држава ќе може да се пофали дека нема невработени лекари“, додаде Георгиева.

 

 

В. Ми