Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје вчера попладне го добила хистопатолошкиот наод за пациентката И.К. од Скопје, родена 1987 година, која почина на КАРИЛ на 9 мај 2021, а која беше примена на ЈЗУ У ГАК на 21 април 2021 година со голем тумор на матката и оперирана на 22 април со уреден оперативен тек.
Од ГАК за ова информираа преку писмено соопштение во кое наведуваат дека наодот оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево и на вроден сегментен недостаток на мускулниот слој на тенкото црево. Како што се посочува во соопштението, тоа всушност е и причината која довела до постоперативна спонтана перфорација, поради што се јавила потребата за вториот оперативен третман на пациентката во присуство на дигестивен хирург.
Истакнуваат дека оваа дијагноза е исклучително ретка и во голем број од случаите причината за нејзино појавување е непозната, но најчесто е асоцирана кај пациенти кои имаат голем солиден тумор, лимфом, леукемија или некоја воспалителна болест. Системската форма на оваа болест, појаснуваат, според достапната литература, е асоцирана со многу тешка клиничка слика чија дијагноза е невозможно да се постави предоперативно.
Напоменуваат дека пациентката има историја за претходни оперативни зафати, извадена слезинка пред пет години и пунктирани лимфни јазли пред три години кои веројатно се во склоп на системската болест што ја имала пациентката.
Во соопштението стои дека триесет и тригодишната пациентка шест дена се лекувала на ГАК и во стабилна состојба на 29 април е хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија.