-Глупо е да се занимаваш со зборовите „циган“, „шиптар“ и „каур“, а погледнете што се случува, ќе немаме за леб, зошто кај нас е толку тешко да се биде човек, се прашува кралот на ромската музика Ферус Мустафов, кој е разочаран од сите, кои повеќе се занимаваат со злоба отколку со добрина. Тој за ММС го кажа своето искуство низ животот, односно кажа дали некогаш имал проблеми со тоа што е Ром, а испровоциран од реакцијата на јавноста за дигиталниот толковник, кој набрзо откако беше промовиран претрпе промени. Како и сите со добро срце, така и тој смета дека пред се ние самите треба да се смениме.
-Лесно е да те наречат или да бидеш „циган“, „шиптар“ или „каур“ ама навистина кај нас е тешко да бидеш човек. Па ние не треба да се занимаваме со зборови, глупаво е, туку треба да се види кој е човек, а кој е нечовек. Во животот сите се среќаваме со луѓе и нелуѓе, и затоа не треба да се занимаваме кој од која нација е како го викале. И Македонец да те викаат и Ром да те викаат и Албанец да те викаат, ако не си човек џабе ти е се. Затоа се нервирам. Еве Ром сум, и што? Ако продолжи пандемијата и ако се повеќе луѓето остануваат без работа и ако немаме од што да живееме тогаш воопшто не е важно како ме нарекле. Јас не се лутам, како сакаат нека ме наречат, мене најмногу ми е важно дека јас сум човек и како таков, добар човек и успешен уметник, луѓето ме почитуваат, кај и да сум бил. Мене не ми значи ништо тоа кој е и што е, вели Ферус и додава:
– Да Ром сум или да циган сум! И што? Па ние сме бре сите луѓе и треба да се почитуваме. Па кој век век сме за да се занимаваме со вакви работи. Никој никого не треба да злоупотребува и омаловажува, без оглед од кај дoаѓаш, вели кралот.
За разлика од многуминина кои може само да сонуваат, Ферус го има прошетано светот неколку пати вдолж и попреку, па оттаму вели и дека кај и да стапнал бил почитуван.
-Јас сум го прошетал светот и џипси сум бил и не се лутам. Па јас повеќе ке се налутам и ќе се навредам ако ми рече: „Ферус, ти си нечовек“, отколку да ме нарече со некое друго име. Глупости се тоа. Се чудам, кај отиде светот напред, а ние со што сеуште се знамимаваме и колку поради тоа тапкаме во место. Глупости се, глупо е да се навредуваме. Нека отворат очи сите и нека видат дека сите за леб ќе умреме ако продолжи вака состојбата, а ние се занимаваат со глупости. Треба да се освестиме, дека е важно да има човечштво, да има дружење, да има убавина, насмевка, додава тој.
Со неговиот карактер и талент Ферус со децении опстојува на музичката сцена, не само во Македонија и на Балканот, туку и во светски рамки е познат како крал на ромската музика. Неговиот живот е полно со спомени, средби, познанства, пријателства од сите нации и тоа ниеден збор не може да го уништи.
-Јас фала му на Бога живеам со сите, не се мразам со никој и никогаш не сум забележал некој да не ме почитува. Ме почитуваат и овде и надвор. Ее тоа да се постигне е многу тешко, ама јас го постигнав. Затоа пак ќе речам, само треба да си човек, ништо друго не е потребно. Еве еден пример ќе дадам. Вчера со син ми шетаме низ град и влеговме во еден дуќан. Кога влеговме сите ме поздравуваат, ме прашуваат како сум. Кон мене така реагираат и Роми и Албанци и Македонци или и „цигани“ и „шиптари“ и „каури“, ако така сакате. И не е само тука, такво почитување јас имам и тоа многу повеќе надвор од државава. Е тоа е многу важно не само за мене за било кој од нас. Да се почитуваме. Ако не е човек што сака друго нека биде. Ама тоа е тешко да се постигне. Па нас повеќе не утепа короната, отколку зборовите. Ако продолжи вака ќе заборавиме и да свириме, додава тој.
И Ферус како и неговите колеги повеќе од една година нема настапено никаде. Затоа кога го прашавме како издржува ни рече:
– Како издржав? Ете издржав некако и уште издржувам и јас и моите колеги. Мора живот да се тера, мора сметки да се плаќаат. Јас не сакам пари да ми даваат, не сакам милостиња од никој. Сакам да не пуштат да работиме, сам да си платам сметки, да има за храна и за сите основни човекови потреби, ни рече кралот на ромската музика.
(В.М.)