Од почетокот на имунизација во земјава, во Здравствениот дом во Македонски Брод поради немање на вакцини, по третпат има прекин на вакцинација. Иако сите услови се обезбедени за да продолжи оваа операција, сепак жителите од оваа општина ќе мора да почекаат додека не пристигне нова пратка на вакцини.
-По третпат се случува во Здравствениот дом да имаме прекин на имунизација против Ковид-19. Ако во двата претходни случаи проблем беше системот за пријавување, овој пат прекинот е настанат поради немање на вакцини за имунизација на месното население. Сите структури во Министерството за здравство се запознаени со овој проблем, но засега нема повратна информација и нови количества на вакцини, со кои би ја продолжиле вакцинацијата, изјави директорот на Здравствениот дом, Жарко Симески.
Тој истакна дека очекуваат наскоро да пристигне нова количина вакцини и да се продолжи со имунизацијата.
Директорот појасни дека во два наврати во нивната установа добиле вакцини на британската „Астра Зенека” додека последните сто вакцини, испорачани од Битола се на кинеската компанија „Синофарм”. Потсети дека во Македонски Брод последни се вакцинираа граѓаните на возраст до 59 години и ако деновиве пристигне нова количина на вакцини, имунизацијата ќе продолжи и со помладата популација.
Симески посочи дека во општина Македонски Брод веќе десетина дена не е регистриран ниту еден новозаболен од Ковид-19 и во моментов нема инфициран жител од општината кој е згрижен на некое од инфективните одделенија во земјава.
МИА