Сто години од постоењето на Противпожарниот дом во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 05/20/21 2:58 PM

Сто години од постоењето на Противпожарниот дом во Штип

На денот на пожарникарите, со смотра одбележана 100 годишнината од постоењето на противпожарниот дом во Штип. Градоначалникот Сашко Николов , им се заблагодари за нивната работа и храброст и потсети за она што локалната управа го прави за подобрување на условите за работа , што ќе значи поголема безбедност и за нив но и за граѓаните.

„ Благодарност до пожарникарите за посветеноста и пожртвуваноста вршејќи ја својата професија.
Чекорот кој го направивме за пожарникарите за зголемувањето на бодовите, односно зголемувањето на платите наиде на пофалба. Како општина ќе се залагаме за подобри услови за нашите пожарникари. Ви благодарам и ви посакуваме помалку пожари и многу спасени животи,“ рече градоначалникот Николов.

Во текот на изминатата година, во Штип имало зголемување на бројот на техничките интервенции, но намалување на пожарите на отворено.
„ Тоа значи дека добро сме работеле на превентивата,“ изјави командирот на ТППЕ , Тони Атанасов.
Во моментов ТППЕ Штип располага со четири современи противпожарни возила и една цистерна за дотур на вода.
„Како што најави и градоначалникот треба да пристигне ново современо противпожарно возило комплетно опремено а во план е да се обезбеди и лична противпожарна опрема за пожарникарите,“ додаде Атанасов.