Кажете ми кој е тој амандман за скриена амнестија, единствената јавна амнестија е таа на Зоран Заев, кој беше аболициран од еден претседател, беше одговорот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Штип. ВМРО ДПМНЕ поднесе амандман што стана дел од членот 42 на Законот со кој се овозможува легализација на дивоградбите и дел од сторителите на криминал, да не одговараат. Мицкоски најави дека јавноста ќе го чуе партискиот прецизен став на јавна дебата за законското решение, за кое гласаа и дел од пратениците од ВМРО ДПМНЕ.
За Локалните избори најави дека ќе има интересни решенија во името на кандидати за градоначалници и градоначалнички и побара трпение за составот на листите, за кои се разговара. Очекува избори што побргу и пад на актуелната власт, со што одговори на прашањето дали ВМРО ДПМНЕ очекува предвремени парламентарни избори со Локалните.
Мицкоски потврди дека родителите, кои протестираат против исфрлањето на учебниците ја имаат поддршката од партијата и при тоа наброја неколку аргументи зошто не се добри реформите во образованието.
-Факт број еден е скапо платената патформа за онлајн учење, која започна со еден месец задоцнување. Парите се потрошија, а одговорност нема. Факт број два – ние немаме универзитетот во првите 1000. Факт број три, на дното сме според тестирањето на ПИСА.Факт број четири – многу родители се назадоволни од овие реформи на Мила Царовска и апсолутно ја имаат мојата поддршка, пред се’ како човек, како педагог и универзитетски професор, а потоа како политичар, рече Мицкоски.
Во однос на изјавата на европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев по интервјуто на Мицкоски, тој го нарече најголем македонофоб, кој него лично го напаѓа дека е бугарофоб.
-Кога макеоднофобот Андреј Ковачев , Каркачанов и останатите, кои во Бугарија се македономрасци, ќе сфатат дека постоела македонска нација, македонски народ и колективната меморија на макеоднскиот народ е многу порано од тоа што мислат, тогаш можеме да градеме пријателски односи, изјави Мицкоски.
Тој побара извинување од Ковачев до македонскиот народ за сите навреди и наместо да ја опструира Македонија во Европскиот Парламент, да дозволи конечно преговори на ЕУ со Македонија.


