Инцидент се случи денес пред штипскиот противпожарен дом, на прес конференцијата на градоначалникот Сашко Николов. Поранешниот пожарникар и во јавноста познат по својата хуманитарна работа, Александар Ѓеорѓиевски, при обидот да застане во стројот каде што беа пожарникарите, беше спречен во намерата од страна на обезбедувањето на градоначалникот, викајќи при тоа дека сака само да постави прашање.
За кратко недоразбирањето беше надминато, а прес-конференцијата продолжи.
Видеото е преземено од M-Net
Ѓеоѓиевски сепак си ја оствари целта, не само градоначалникот туку и целата јавност ги слушна неговите прашања. Побара од градоначалникот Сашко Николов да добие одговори зошто биле игнорирани неговите барања кои во два наврати и официјално ги доставил во архивата на општината. Го праша градоначалникот, дали знае дека пожарникарите веќе петнаесет години немаат пожарникарска опрема и дека работат со обувки стари од 15-20 години.
Ѓеориевски бара од градоначалникот да го врати на работа во ТППЕ, каде има работено девет години, но да работи волонтерски, а платата да биде наменета за хуманитарни цели, за пожарникарите.
Штипскиот градоначалник му одговори дека неговите барања не се игнорирани, но дека мора да постои приоритет во разгледувањата на барањата кои што на дневна основа пристигнуваат од граѓаните.
Посочи дека во институција како што е ТППЕ си има протоколи за работа , и не може да се дозволи некој да работи на доброволна основа.
„Вие со вашата хуманитарна работа, веќе сте ставени на располагање на градот и јас тоа го почитувам. Ние веќе правиме напори, конкретно вашите активности како хуманитарец да ги евалуираме, да го прифатиме, да ги ставиме во еден колосек заедно со Солидарниот фонд на општината, така што тоа што го правиш, ќе биде официјално и транспрентно направено“, му одговори Николов .
Што се однесува до прашањата за пожарникарите, Николов кажа дека се работи на подобрување на условите, со покачување на коефициентот се зголеми нивата плата, обезбедено е ново противпожарно возило, а ќе следува и обезбедување и на потребната противпожарна опрема.